Каракамишева- Јовановска: Материјална без формална законитост не е можна

Сите притисоци што СДСМ и опозициските поддржувачи во континуитет ги прават врз редовното судство и врз јавното обвинителство во земјата се квалификуваат како директна повреда на уставните норми, како однапред договорено и организирано омаловажување на органите, а посебно на институциите на државата, насочено кон целосно рушење на довербата во државниот правен и политички систем, и создавање основа за организирање на паралелен правосуден и политички систем по мерка на опозицијата, пишува проф. Д-р Тања Каракамишева- Јовановска во својата колумна.

- Ваквото барање, всушност, опозицијата воопшто и не го крие. Токму нивниот предлог за организирање на специјален обвинител целосно независен од редовното јавно обвинителство во земјата, што е повторно предлог со кој се крши Уставот, како и сé погласните предлози од опозициските поддржувачи за организирање на посебен, специјален суд кој ќе постапува по предметите врзани со прислушкувањето, се директни докази дека опозицијата има стратегија на политичко делување која треба да доведе до постоење на некакви паралелни системи, како вид држава во држава, пишува Каракамишева- Јовановска.

 Слушнавме дека не требало да се цени само формалната страна поврзана со доказите, туку дека требало без разлика на повредата во формалната законитост, да се навлезе во материјалната суштина на доказите, односно во нивната содржина.

-Тоа во превод значи баталете ја формата фокусирајте се на содржината. Овој став е партиски став на СДСМ од самиот почеток кога започна објавувањето на т.н. „бомби“ на Заев. Чудно е што токму правниците во СДСМ го имаат формулирано овој небулозен став. Зар навистина не знаат дека законитоста има формална и материјална страна, и дека ако е повреден формалниот аспект на законитоста, повреден е и материјалниот аспект на законитоста. Зар навистина немаат поим дека повредата на формалните аспекти на законитоста (докази прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на РМ, законите и меѓународните договори), значи повреда и на материјалните аспекти на законитоста (незаконска е содржината на сите докази собрани на тој начин). Преведено на обичен јазик, опозициските правници сакаат да не убедат дека, на пример, закон донесен во постапка спротивна на Уставот, и на Деловникот на Собранието, со целосно повредена постапка, треба да важи само затоа што содржината на тој закон, според нивните проценки, е важна за државата. Владеењето на правото, на кое толку силно се повикува опозицијата, прецизно го дефинира и ова прашање, законитоста и нејзиното значење во системот со цел да може да се обезбеди владеење на правото. Токму владеењето на правото упатува на потребата од взаемно почитување на формалната и материјалната страна на законитоста. Материјална без формална законитост не е можна, пишува Универзитетската професорка. 

 

 

Оцени ја веста

03.09.2015 - 14:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега