Тетово: Почна учебната година за 187.000 основци и 81.000 средношколци

За околу 270.000 основци и средношколци денеска почна новата 2015/2016 година. Првпат во училишните клупи седнаа и околу 20.000 првачиња.

Успешен почеток на учебната година на сите ученици во основното и средното образование во Македонија им посака министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми, кој денеска го посети основното училиште „Пашко Васа“ во селото Групчин.

- Годинава, во училишните клупи седнуваат 187 илјади основци од кои 20 илјади се првооделенци како и 81 илјада средношколци од кои пак 19 илјади се запишани во прва година, изјави Адеми.

Тој очекува добра соработка со општините и училиштата со цел, како што рече, да има успешна година.

- Продолжуваме како Министерство со проектите за бесплатни учебници, од годинава се воведува образованието по Кембриџ системот за четврто, петто и шесто одделение за математика и природни науки, а догодина тоа ќе ги опфати и седмо, осмо и деветто одделение. Во однос на инфраструктурата свесни сме дека некои училишта бараат обнова и затоа многу скоро ќе се распише тендер за обнова на 23 училишни објекти додека на овој начин веќе е завршено обновувањето на седум училишта. Од годинава нема веќе казни за наставниците поради екстерното оценување туку само награди за оние наставници чиишто ученици покажале одлични резултати на екстерното оценување. Многу скоро ќе започне со работа и академијата за наставници со цел подигнување на квалитетот на наставата, изјави Адеми.

Одговарајќи на новинарско прашање околку состојбите со проблематичната содржина на определени учебници, Адеми посочи дека годинава се препечатени сите учебници постари од пет години, но оти за промена на содржината најпрвин треба да има промени во законот за учебници па дури потоа да се пристапи на измени во книгите.

Во однос на протестот на дел од родителите на учениците на основното училиште „Вера Јоциќ“ во Скопје поради незадоволителни услови на објектот, министерпот Адеми посочи дека е запознат со проблемот, но оти обврска на општините е да подготват проекти што ќе ги достават до Министрството и кои во зависност од можностите ќе бидат подржани од нивна страна.

- Општините имаат свои надлежности во поглед на образованието и треба да имаат своја стратегија и проекти за училиштата во нивна надлежност, а ние сето тоа што ќе биде доставено кај нас ќе се обидеме соодветно да го поддржиме, рече Адеми.

За барањето на Средношколскиот пленум за разговори со Министерството, Адеми рече дека не е време за измени на Законите за основно и средно образование.

- Ние сме отворени за дијалог со сите и за сите опции, но во услови кога политичките партии и државата се подготвуваат за предвремени парламентарни избори не сакам образованието да излезе во преден план и да биде злоупотребено за политички цели, додаде Адеми.

Градоначалникот на Желино Фатмир Изаири информира дека како општина со помош на надлежното министерство успела досега целосно да ги обноват училиштата во Ново Село, Лешница и Мерово и оти во следниот период ќе се обнови уште едно училиште на територијата на оваа општина во Тетовско со што ќе заврши ерата на учење во бараки.

Тој посочи дека многу скоро ќе заврши и обновата на училиштето во Чифлик со што ќе се отворат можности за поделба на училиштето „Пашко Васа“ на два нови субјекта бидејќи во моментот во училиштето во Групчин има околу 1.500 ученици со што е меѓу најголемите основни училишта во Македонија. 

 

 

Оцени ја веста

01.09.2015 - 13:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега