Се решава голем проблем: Поставен камен-темелник за кружен тек во Автокоманда
Со поставување камен-темелник денеска во населбата Автокоманда почна изградбата на кружен тек, инвестиција на Град Скопје вредна 45 милиони денари.
На отпочнувањето на градежните работи присуствува премиерот Никола Груевски, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски. Премиерот Груевски истакна дека станува збор за уште еден проект во Градот Скопје кој е дел од низата сообраќајни решенија за регулирање и управување на сообраќајот во главниот град на Република Македонија.
- Локацијата на која се наоѓаме долги години наназад е крстосница на голем број граѓани кои живеат и работат во овој дел на Гази Баба. Тука се двете населби Железара и Автокоманда, тука поминуваат голем број граѓани кои одат за Чаир и Бутел. Во непосредна близина е средното училиште „Панче Арсовски“, спортскиот клуб Металург и повеќе фабрики во кругот на Железара. Сите овие фактори долги години наназад беа причина на оваа локација да се разминуваат многу граѓани, многу автомобили, тешки возила. Ако на сето ова се надоврзе фактот дека досега оваа крстосница не беше соодветно регулирана, сосема е јасно што е црна точка на која се случиле голем број сообраќајни несреќи барем еднаш во месецот или почесто. Денес ставаме камен-темелник на решението на овој голем проблем, рече премиерот Груевски.
Тој истакна дека Владата со заеднички напори со локалната самоуправа неколку години наназад успешно го моделираат новиот изглед на Градот Скопје со голем број изградени нови улици, булевари, кружни текови, катни гаражи... и најави уште еден значаен проект кој ќе се реализира во наредните месеци.
-Со помош на Владата и со инвестиција од околу 50 милиони денари во наредните неколку месеци ќе започне голема реконструкција на три значајни улици во општината Гази Баба. Тоа се улиците „Антон Велковски“ во Стајковци, улицата „10“ во Инџиково и главната улица која ги спојува Сингелиќ и Стајковци, улицата „Алија Авдовиќ“. На овој начин со многу труд и напорна работа и со голем број проекти Скопје полека, но сигурно се изградува како еден од најубавите и најфункционални градови на Балканот, посочи премиерот Груевски.
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски истакна дека кружниот тек кој ќе се гради меѓу улиците „16 Македонска бригада“ и „Коце Металец“ ќе биде со дијаметар на средишниот зелен појас од 60 метри. Во самиот кружен тек ќе се формираат две сообраќајни ленти со вкупна ширина од девет метри, ќе се изврши реконструкција на коловозот на двете улици на кои се гради, ќе биде изграден нов тротоар и велосипедска патека со ширина од 2,5 метри. Предвидено е со проектот да се изгради нова атмосферска канализација во должина од 634 метри и реконструкција на водоводната мрежа во должина од 52 метри, а на самиот кружен тек ќе биде поставено ново улично осветлување.
Градоначалникот на Општина Гази Баба Тони Трајковски посочи дека проектот за изградба на овој кружен тек е предлог и барање на жителите на населба Железара и е дел од ветувањата содржани во Изборната програма.
Градежните работи на кружниот тек треба да завршат во рок од 180 дена.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа