Исмаил Бардхи: Каков грев има нашата земја врз која само градиме крстови и џамии без Бога и без љубов?

Најеминентниот исламски теолог во Македонија, Исмаил Бардхи во интервју за Прес24, вели дека радикализмот не е продукт на верата, туку на времето и на економската криза. Со радикалните фанатици смета дека треба да се занимаваат надлежните институции, а не да се повразуваат со учењето на верата.

- Ако ние почнеме да сите оние будали, лудаци кои излегуваат и се дерат и се поигруваат со верата ги сметаме за претставници на радикалниот Ислам, тоа е нешто нелогично и смешно. Се додека верата нè учи за халалот и харамот (алалот и арамот/дозволеното и забранетото), таа ќе остане вера. Ако во ова се чувствува некаква радикалност, тоа е наш проблем а не проблем на верата. Ние мора да кажеме јасно дека измешуваме многу нешта, но вие не сте криви за тоа. Простете, но со некој теолог со волна на лицето и со оружје во појасот нека се бави судот и МВР и нека откријат кој ги „произведува“ и кој им помага ним. И ви се молам, тие треба да се остават далеку од верата, било Исламот или Христијанството, бидејќи немаме потреба од такви луѓе, вели професорот по исламска теологија во интервјуто за Прес24.

Бардхи апелира дека се она што денеска во светот, особено на Блискиот исток се случува, нема никаква врска со исламот.

- Тоа нема воопшто врска со Исламот. Сето ова што се случува таму е еден жив ужас што можеби ниту немуслиманите не им го сториле на Муслиманите. И повелете вие па судете дали овие расипани имаат врска со Исламот и верата. Изгледа дека западот бил заљубен во Гадафи и во Садам Хусеин и на нив слични. Како што не треба да се залажуваме дека секој кој носи бел мантил е лекар, така ни вие не би требале да се залажувате дека секој кој има брада и носи шал (чалма, како сакате наречете ја) е Муслиман?!? Ова што се случува таму е нечовечно, за жал овие нечисти игри се болни за обичните луѓе, за жените и децата кои талкаат низ светот, а да не зборувам за нивната злоупотреба, вели Бардхи за Прес24.

Тој смета дека верските заедници во Македонија, и ИВЗ и МПЦ во основа недоволно одговорно ја вршат својата функиција. Се повеќе се во функција на политиката, отколку на верата.

-Нивна обврска е да ја објаснат верата, да повикуваат во вера, да бидат над политиката, да ги предупредат и политиката и политичарите, а не да им се покорат, како што станало навика кај нас. Овие две институции сè уште не излегле од делириумот на минатото. Тие не смеат да дозволат да секоја групација ја обезвреднува или понижува верата во името на верата и да манипулира со верниците. Потоа, нивна обврска е да секој ден го прочистуваат умот хранејќи го со светите текстови, без разлика на несогласувањата. Меѓурелигискиот дијалог е значаен токму поради оваа причина, како за соживотот, така и за прочистувањето на верата во чист монотеизам, вели професорот по исламска теологија, потенцирајќи дека "Ние треба да сме свесни дека политиката нема сила да создава богови, без разлика на тоа колку се обидува да ја христијанизира или исламизира земјата".

Самокритично забележува дека вистинските теолози треба многу повеќе да работат на промоција на меѓуверскиот дијалог во Македонија.

-Веќе 25 години не гледаме нешто значајно во теологијата, и Христијанството и Исламот за жал не ги следат развоите, промените, опасностите кои се појавуваат а за кои теологијата е повикана да им даде одговори. Не е теологија само другите да не канат на симпозиуми а ние да присуствуваме на нив само како набљудувачи и слушатели, истовремено имајќи многу активни барања. Постојат многу феномени кои се појавуваат во ова време, имаме многу негативни појави, а ние молчиме, дозволуваме нашиот одговор за нив да биде преку нашето потчинување кон желбите на луѓето, а тоа не е основа за теологија, вели во интервјуто за Прес24, Исламил Бардхи, професор по исмалска теологија.

ПРЕС24: Македонија е една од многуте мултикултурни и мултирелигиски општества, но една од ретките со нагласен аспект на таквата мултиклутурност и мултирелигиозност. Колку македонската мултирелигиозност треба да биде предност, а колку таа во Македонија претставува хендикеп?

ПРОФ. БАРДХИ: Во право сте, но да се размислува поинаку е невозможно: мултирелигиозноста, мултикултурноста, мултинационалноста е природност и човечно. Ние ова мора да го прифатиме онака како што е. Да се размислува поинаку би било и е злодело, изворот на едно такво размислување е демонски извор, не е човечки. Токму поради ова би рекол дека ние немаме потреба ниту да се гордееме со тоа дека сме „мулти-“, бидејќи на крајот на краиштата не сме, да речеме, пивара која произведува пива, ние сме човечки суштества. Затоа, како што може да се подразбере, нема место да се смета за хендикеп, во никој случај.

 Дозволете ми да отвориме некои други прозорци за ова прашање. Да, можеме да кажеме дека мултикултурноста и мултирелигиозноста била и е предност. Зошто? Бидејќи ние отсекогаш сме биле близу многу значајни цивилизации, градот под Олимп и на Александар Велики како и Османската Империја, што значи дека сме имале можност да се сретнеме со Авраамските религии, истовремено искористувајќи ги и просветлувањето од филозофијата и она на небесните религии. Во врска со ова сакам да потсетам дека во филозофската литература е општопознато дека грчката филозофија едно време беше мртва, само со започнувањето на нејзиното преведување од страна на муслиманските интелектуалци таа се препороди. Значи, сето ова треба да го имаме предвид за да бидеме здраво општество. Сега јас не знам во чие име ние се обидуваме да го замаглиме ова просветлување, и не дај Боже да го сметаме за хендикеп. Што мислите, доколку Христијаните останат само Христијани тие би биле Христијани? Или пак Муслиманите да бидат само Муслимани, дали би останале Муслимани? Гледате колку е смешно дури и да се говори и мисли на овој начин.

Ние постојано го бараме минатото, и по се изгледа и ова време ќе го бараме, иако можеби не би требало бидејќи нашата земја е веќе преполна со организации, друштва без Бога, со Бога, со повеќе богови - таман верски хаос и сето тоа во име на демократијата. Затоа не е добро да станеме плен на безобразните националисти кои ден и ноќ се обидуваат да нè залажуваат со она што сме. Погледнете ја само нашата демократија во Македонија, нашиот парламент веќе 25 години се бави со националното прашање. Каков грев има нашата земја врз која само градиме крстови и џамии без Бога и без љубов?

ПРЕС24: Исламската верска заедница и Македонската православна црква, се двете најголеми верски заедници кои обединуваат најголем број од верниците во Македонија. Дали МПЦ и ИВЗ ја вршат одговорно општествената функција на верски заедници кога станува збор за говорот што го имаат во јавноста?

ПРОФ. БАРДХИ: Овие две институции отсекогаш имале и сè уште имаат посебна важност, но за жал тие како да го изгубиле допирот со верата, односно со живиот Бог, тие го заборавиле и Иса а.с. (Исус) и Мухаммед а.с., двајца многу значајни Божји пророци со посебни улоги во историјата на човештвото. Нивна обврска е да ја објаснат верата, да повикуваат во вера, да бидат над политиката, да ги предупредат и политиката и политичарите, а не да им се покорат, како што станало навика кај нас. Овие две институции сè уште не излегле од делириумот на минатото. Тие не смеат да дозволат да секоја групација ја обезвреднува или понижува верата во името на верата и да манипулира со верниците. Потоа, нивна обврска е да секој ден го прочистуваат умот хранејќи го со светите текстови, без разлика на несогласувањата. Меѓурелигискиот дијалог е значаен токму поради оваа причина, како за соживотот, така и за прочистувањето на верата во чист монотеизам. Затоа не треба да не чуди кога слушаме дека некој ја прифатил верата како верник, бидејќи верата е таква и нејзиниот глас е секогаш жив.

ПРЕС24: На што се должи зачестената меѓуетничка нетолеранција кај младите?

ПРОФ. БАРДХИ: Младите се посебна грижа, тие за жал како да кажам се втурнаа во демократијата. Не знам дали се сеќавате кога после распадот на бивша-Југославија една од главните промени што се случи на нашите телевизии беше појавата на порнографијата, па дури такви филмови почнаа да се прикажуваат и од 5 часот попладне. Значи „порнографска демократија“. Сепак, поради сериозноста на прашањето, би го рекол следново: големата празнина во културата, во верата, во политиката, а особено прекумерното „слободно време“ се огромни проблеми, кои ние сè уште не ги разбираме и не ги адресираме соодветно. Што им нудиме ние на младите? Добро што тие не започнале, така да се изразам, да се јадат еден со друг и да јадат живи луѓе. Потоа, инцидентите не треба да се преувеличуваат; колку има пијани луѓе кои прават инциденти, тогаш ние би требало да ги оставиме да пукнат во нивното пијанство и да умрат во таа темнина во која се наоѓаат. Секако дека има грешки и пропусти, но она што се случува треба да го решава судството, а ние за жал тука немаме ниту судство, ниту пак „добра храна“ за да ги храниме младите за да се радуваат со времето и поднебјето во кое живеат. Затоа и овој парадокс кај нас да се бара судските проблеми да ги решава верата а за верските проблеми одлуки да носи судот.

ПРЕС24: Постои ли опасност меѓуетничката нетолеранција да се трансформира во меѓуверска нетолеранција?

ПРОФ. БАРДХИ: Видете, малку погоре реков дека имаме големи празнини и општеството, културните институции, верските институции како и политичките треба да се дистанцираат од ваквите инциденти и да не дозволат тие да се случуваат или повторуваат. Чесниот Куран вели, да парафразирам: она што го барате, ќе го најдете (или ќе ве снајде), барајте го доброто, ќе го најдете...

ПРЕС24: Имаме ли во Македонија потајна борба меѓу верските заедници за верско маркирање на територии, ако се земе предвид се почестата и масовна изградба на верски симболи и објекти?

ПРОФ. БАРДХИ: Кога започна изградбата на крстот на Водно новинарите ме прашаа за моето мислење околу тоа. Колку што се сеќавам, тогаш реков, и сега го повторувам истото: чудно, каква несериозна сериозност. За жал, но ова е очигледно и не е воопшто добро. Но, интересно е дека во оваа „игра“ некако не сум ја видел многу ангажирана Црквата, очигледно е дека тоа се повеќе политички иницијативи отколку верски, и ова ме тера да размислувам позитивно и да кажам дека од ова не бива ништо. Ние треба да сме свесни дека политиката нема сила да создава богови, без разлика на тоа колку се обидува да ја христијанизира или исламизира земјата. Земјата е Божја, ние сме Божји и не треба да дозволиме вакво нешто. Ова што се случува не му оди во полза никому, а најмалку на Христијаните.

ПРЕС24: Македонија, како и најголем дел од земјите во регионот доживуваат верска експанзија по комунистичкиот период на верска стагнација и угнетување. Моето прашање е дали верските заедници во овие 25 години на слободна верска и религизона припадност изградија вистински верници, или пак создадоа некој прототип на квази верник кој во основата е духовно сиромашен?

ПРОФ. БАРДХИ: Јас пред неколку години издадов една книга под наслов „Кризата на албанската муслиманска теологија“. Ова „албанската“ поради единствена причина што книгата е напишана на албански јазик, но содржината е универзална. Со жалења мора да кажам дека само ние, Македонците и Албанците, сме многу сиромашни во теологијата, ние теологијата некако сме ја сместиле во фрижидер и за жал таа сè уште се наоѓа таму. Најголемиот проблем е каква теологија може да претставува таа. По се изгледа, за некого таа ја презентира силата на смртта, душевното сиромаштво и интелектуалната темница, но не можеме да кажеме дека немаме луѓе кои не го разбираат ова. Познавам, како од едната така и од другата провиниенција, способни луѓе со чисти мисли и отворени за развој на живата теологија, теологија која му овозможува на човештвото спас, олеснување при прифаќањето и одбивањето на барањата на времето. Но, моменталната состојба е жалосна. Веќе 25 години не гледаме нешто значајно во теологијата, и Христијанството и Исламот за жал не ги следат развоите, промените, опасностите кои се појавуваат а за кои теологијата е повикана да им даде одговори. Не е теологија само другите да не канат на симпозиуми а ние да присуствуваме на нив само како набљудувачи и слушатели, истовремено имајќи многу активни барања. Постојат многу феномени кои се појавуваат во ова време, имаме многу негативни појави, а ние молчиме, дозволуваме нашиот одговор за нив да биде преку нашето потчинување кон желбите на луѓето, а тоа не е основа за теологија.

ПРЕС24: Како Вие го дефинирате денешниот верник?

ПРОФ. БАРДХИ: Ќе ми простите што овде ќе зборувам само за верникот од исламската провиниенција. Со исклучок на и со сета почит кон искрените, праведните и добрите верници, јас честопати сум пишувал (тука можам да споменам два мои натписи чии наслови се доста индикативни: „Верата без човек“ и “Боже те молам не ми ја оставај верата без култура и љубов“), сум говорел и сè уште го чинам истото, го гледам Муслиманот како верник без човечност како и без култура и љубов. Тоа е неиздржливо. За жал, ваквата атмосфера се движи под кубињата на разни џамии. Верниците некако ја изгубиле комуникацијата, контактот со Бога, со потчинувањето кон Него и со љубовта. Ова е една неиздржлива и недозволива атмосфера за местото кое се вика сеџде (местото каде што верниците Муслимани паѓаат со чело на земи пред Бога). Но ова во никој случај не значи воопштување, доказ за ова се конфликтите по џамии, узурпациите на некои џамии и „игрите“ со оружје.

Ќе ви раскажам еден случај што ми се случи во Истанбул: патувајќи со автобус низ улиците на Истанбул на пат кон факултетот седнав а крај мене беше еден маж, секако непознат. Го прашав дали автобусот застанува во населбата „Фатих“ каде што се наоѓа факултетот, а неговиот одговор беше: „изгледа дека ти си странец!?!“ А јас му одговорив со: „Не сум оттука.“ „Од каде си?“ ме праша тој, „ од Скопје, Македонија“, му одговорив. „Ах“, рече., „кај вас има евлии (Божји пријатели, искрени верници).“ „Не знам, верувам дека се мртви“, реков. „Не, не, има, те молам поздрави ги од мене“, ми рече. „Во ред, ти ветувам дека ќе одам на гробишта и ќе ги поздравам“, му реков. И навистина, кога се вратив во Скопје отидов до гробиштата и оддалеку ги поздравив. Тука ќе го искористам неговиот говор и ќе кажам: да има добри луѓе, добри верници.

ПРЕС24: Радикалниот Ислам (некои не сакаат така да го дефинираат), но тој се појасно е дека е присутен и во Македонија. Како се случи денеска да имаме ситуација со полициски акции да се ослободуваат од влијание одредени џамии, кои со години не беа под контрола на официјалната ИВЗ?

ПРОФ. БАРДХИ: Не знам зошто толку се плашиме од радикализмот. Според мене, самата вера не е и не може да биде радикална, бидејќи оние кои се обвинуваат за нешто такво од ден на ден ги менуваат своите ставови, своите појави, и тешко дека некој може да ги следи во тоа. Ние тука имаме радикален национализам, радикална политика, самото МВР е многу радикално. Ако мислите дека само поради брадите некој е радикален, јас немам право да кажам дека постојат радикални бради. Верата во својата суштина никогаш не поучува и нема нешто такво. Радикализмот не е продукт на верата, туку на времето и на економската криза. Ако ние почнеме да сите оние будали, лудаци кои излегуваат и се дерат и се поигруваат со верата ги сметаме за претставници на радикалниот Ислам, тоа е нешто нелогично и смешно. Се додека верата нè учи за халалот и харамот (алалот и арамот/дозволеното и забранетото), таа ќе остане вера. Ако во ова се чувствува некаква радикалност, тоа е наш проблем а не проблем на верата. Ние мора да кажеме јасно дека измешуваме многу нешта, но вие не сте криви за тоа. Верата како таква е радикална, и љубовта кон верата е радикална, потчинувањето кон Бога е радикално, категорично и без сомнение. Ние не слушаме никаде дека некој некого сака со сила да го направи верник. Ако ова и се случува некаде, тогаш тоа е радикална нерадикалност внатре во верата. Тоа што се случува се инциденти кои бараат правна држава, која за жал не постои кај нас. Еве една дигресија, за Нова Година нè оглувуваат со петарди и огномет, или што со гласната музика која од време навреме се слуша од разни концерти, слави и сл. За мене тоа е уште порадикално, но ние молчиме. Значи, овој термин се злоупотребува, тоа е исто како да се каже дека имаме радикална вода. Ние треба прецизно да ги дефинираме злосторството и казната, а не да ги мешаме со некаков радикализам на верата. Ако некој им се покорува на Библијата, на Куранот, со какво право ние можеме да го сметаме него за радикален? Или пак можеби вие барате самата вера да ги осуди верниците или пак верниците да ја осудат верата. Тоа се бесмислици на времето и слабости на држава без закон и право и на законот без држава. Простете, но со некој теолог со волна на лицето и со оружје во појасот нека се бави судот и МВР и нека откријат кој ги „произведува“ и кој им помага ним. И ви се молам, тие треба да се остават далеку од верата, било Исламот или Христијанството, бидејќи немаме потреба од такви луѓе.

ПРЕС24: Многумина светски теолози велат дека Исламот денес е во криза, слична како онаа што пред 10 векови ја доживуваше Христијанството, кога на клада беа палени и убивани, пред се оние кои се обидуваа да се спротивстават на тогашното црковно учење. Како Вие денеска го дефинирате Исламот?

ПРОФ. БАРДХИ: Не знам колку имаме право да кажеме дека Исламот е во криза, ако со тоа мислите на тоа дека е во опасност, се согласувам со вас. Но сепак би ве замолил да ја отфрлите констатацијата дека многу светски теолози велат дека Исламот е во криза. Многумина теолози од разни провиниенции констатираат, меѓу кои е и Ханс Кунг кој е еден од водечките христијански теолози на 20. век, и кој вели дека учењето на Исламот е живо и здраво. Исламот е тој кој со сета сила го штити монотеизмот. Тој не признава национална, односно муслиманска религија, тој е отворен, тој многу сериозно зборува за достоинството на човекот, тој непрестано повикува да бидеме внимателни кон природата, да ја признаеме ограниченоста на разумот, моќта на разумот и опасноста од разумот. Јас сум убеден дека и вие читате за радикалните промени кои се случуваат кај некои вери, и тоа не во името на Бога туку во името на политиката. Ова не го велам за потценување, туку како експерт на теологијата. Но, ова е една друга тема.

Што се однесува на кризата на Муслиманите, тоа е вистина, Муслиманите го преживуваат времето како Евреите во Шпанија, заедно со тогашните Муслимани, или во поновото време случајот со холокаустот. Не знам, прашањето е на место, а одговорот можеби многу краток, што дури сум и во дилема дали е ова соодветниот одговор. Дали има криза во толкувањето на верата, секако дека има, бидејќи и самите Муслимани велат дека има злоупотреби и Исламот веќе долго време е останат во сенка на незнаењето. Ова е жива појава и во нашево време.

ПРЕС24: Кој го злоупотребува Исламот?

ПРОФ. БАРДХИ: Човекот.

ПРЕС24: Колку тоа што се случува во Сирија, Ирак, каде во името на Исламот се убива има врска со самиот Ислам и со верата?

ПРОФ. БАРДХИ: Тоа нема воопшто врска со Исламот. Сето ова што се случува таму е еден жив ужас што можеби ниту немуслиманите не им го сториле на Муслиманите. И повелете вие па судете дали овие расипани имаат врска со Исламот и верата. Изгледа дека западот бил заљубен во Гадафи и во Садам Хусеин и на нив слични. Како што не треба да се залажуваме дека секој кој носи бел мантил е лекар, така ни вие не би требале да се залажувате дека секој кој има брада и носи шал (чалма, како сакате наречете ја) е Муслиман?!? Ова што се случува таму е нечовечно, за жал овие нечисти игри се болни за обичните луѓе, за жените и децата кои талкаат низ светот, а да не зборувам за нивната злоупотреба.

ПРЕС24: Разни безбедносни структури од Европа со години предупредуваа дека Македонија е транзит зона за радикален Ислам. Дали тие извештаи доволно сериозно се разгледуваат?

ПРОФ. БАРДХИ: Многу интересно. Дали тоа безбедносните структури го предвиделе и прислушувањето?!? Ако го предвиделе, нека кажат, нека ни помогнат, но јас лично би им рекол нека останат што подалеку од нас, бидејќи јас веќе подолго време слушам како велите тешко на нашата држава, на нашиот народ ако ги слушаме овие тајни сили и структури. Тие непрестајно гледаат вакви сништа, а кражбите, уништувањата, несигурноста вријат меѓу нас. Ајде да имаме ние една правна држава и функционален закон и нека нè остават на мира во нашава убава земја со овој наш човек кој знаел да живее со векови тука.

ПРЕС24: Што Вие како Теолог би им кажале на младите за тоа што е вистинска вера?

ПРОФ. БАРДХИ: Вистинската вера е да му го сакаш на ближниот она што го сакаш за себеси; да стравуваш од Бога и да знаеш дека ништо не може да се скрие од Него; сè ќе се обелодени, ќе се открие. Исто така, нема да бидете верници сè додека другите не се сигурни од вашата рака и од вашиот јазик. Исто така, императив на верата е да си се помагате во добро, а не во лошо, во зло и во непријателство.

ПРЕС24: Може ли религијата да го врати моралот, пред се кај младите?

ПРОФ. БАРДХИ: Видете, прва обврска и должност на религијата е да повикува и упатува на побожност, морал, искреност и љубов. Тоа го може само верата. Токму затоа ние можеме да речеме дека нема лоша, опасна вера (ова особено важи за небесните религии), туку само слаби, лоши верници. Ние имавме прилика да имаме добри марксисти но немавме добар марксизам. Тоа не го може ниту науката, бидејќи науката ја задоволува потребата на човекот за научната вистина, додека верата за утеха, за спасение од таа вистина заради Вистината.

ПРЕС24: Соживот не е нешто што се гради од љубов, но сепак како да изградиме општество во кое почитта кон Куранот и Библијата, кон Крстот и Џамијата ќе биде заеднички интерес?

ПРОФ. БАРДХИ: Морам да кажам дека не ми се допаѓа вашата филозофија во ова прашање, иако реалноста за жал е таква. Но јас би додал дека на ваквата реалност можеме да и ја додадеме бојата на љубовта. Па сепак, реалноста е таква каква што е, сакале ние или не да го согледаме тоа. Исламската вера од својот почеток докажала дека ги почитува Христијанството и Јудаизмот, со еден збор монотеистичките религии, но и неверниците, бидејќи да веруваш или да не веруваш е лично прашање; верата нема право да користи сила во нешто со што би се негирала самата себеси. Многу е пишувано, многу е разговарано околу ова, но конкретно добро е ние да го почитуваме нашето општество и да научиме да бидеме повоспитани, пообразовани, и да не ја превземаме врз себе улогата на Бога и да чиниме насилство во името на верата. Нам ни е доволна Божјата контрола. Да бидеш Македонец не е ниту привилегија ниту казна, истото важи и да се биде Албанец; Христијанин или Муслиман. Куранот вели: „О луѓе, Ние ве создадовме, навистина, од еден маж и од една жена, и Ние одредивме да бидете народи и племиња за да се запознавате. Најблагородниот кај Аллах, секако, е најбогобојазливиот...“

 

Јас искрено се надевам на подобри времиња во кои ќе се остават на мира верата и верникот.

 

 

Оцени ја веста

23.08.2015 - 09:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега