УЈП непријатно ги изненади нелегалните обложувалници во гостиварско
Управата за јавни приходи во инспекција на приредувачите на игри на среќа во гостиварско. Вчера во вечерните часови, поради утврдено нелиценцирано приредување игри на среќа, УЈП ја заплени целокупната опрема и запечати објекти на „диви“ обложувалници во селата Дебреште, Врапчиште и Градец, а против сопствениците поднесе кривични пријави.
Како што соопшти УЈП, угостителски објект на влезот во Гостивар е затворен за период од 30 дена, поради непоседување фискален апарат. Во ваквите случаи, законот предвидува глоба од вкупно 3.250 евра, која доколку не се плати во рок од 8 дена, казната достигнува 6.500 евра. Ако пак, сопственикот не набави фискален апарат во рок од 30 дена, затворањето на објектот се продожува за дополнителни 60 дена.
Мобилните екипи на Управата за јавни приходи ќе вршат засилен инспекциски надзор, во вечерните часови и за време на викенди, кај приредувачите на игри на среќа кои досега требаа да воведат Надзорен информациски систем и 24-часовна поврзаност со УЈП заради следење на уплатите и исплатените добивки. На приредувачот кој се уште нема воведено во функција НИС, ќе му бидат затворени сите деловни единици и ќе му биде изречена глоба од 7 илјади евра, соопштуваат од УЈП.