Попоски: Грција е дефокусирана а ние ја плаќаме цената
Се уште нема одговор од грчкиот премиер Андонис Самарас на писмото од премиерот Никола Груевски, но се надеваме на позитивна реакција, изјави денеска министерот за надворешени работи Никола Попоски.
По средбата со помошникот на генералниот секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика Дирк Бренгелман, Попоски изјави дека македонската Владата продолжува со проактивниот пристап од изминатиот период зашто сака и очекува придвижување на процесот.
- Преголема цена плаќаме од определено ниво на дефокусираност во грчкото политичко водство во однос на ненадминување на проблемот во услови во кои Република Македонија е блокирана на патот на члентсвото во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ, рече шефот на дипломатијата.
Во врска со именувањето амбасадори и шефови на македонски дипломатски претставништва во странство, Попоски нагласи дека не сака да шпекулира зашто процесот се уште не е завршен.
- Ќе се задржам на дипломатската пракса да не шпекулираме со имиња и предвидувања додека процесот не биде во зрела фаза. Но, кога тоа ќе се случи, ќе го споделиме. Во секој случај, првпат спроведовме транспарентнен процес на огласување места за шефови на дипломатско-конзуларни претставништва. Се работи за многу корисно искуства кое отвора позитивни можности за иднина. Во разговори со колеги од регионот и пошироко, ваквата методлогија наидува на позитивни реакции, истакна министерот за надворешни работи.
ФОТО: vmro-dpmne.org.mk