Три инфраструктурни проекти во вредност од 32 милиони денари ќе се реализираат во општина Илинден

 

Владата и општина Илинден потпишаа договор за одобрување на 32 милиони денари преку програмата за рурален развој.

- Имплементација на овие проекти е насочена кон подобрување на условите и подигнување на квалитетот на живеење во руралните средини, обнова и развој на локалната патна инфраструкура, информира општина Илинден.

Прифатен е проектот „Рехабилитација на локалниот пат Илинден-Марино“ во должина од 2,1 километар. Локалниот пат ги поврзува двете најголеми населени места, Илинден и Марино со над 65 отсто од вкупното население во општината, а претставува влез и главна патна сообраќајница во општината. Вкупната вредност на овој проект изнесува 12,2 милиони денари.

Вториот проект што ќе се реализира е „Изградба на пешачко-рекреативна патека (шеталиште) Марино-Кадино“ во должина од 1.500 метри. Изградбата на шеталиштето, покрај тоа што ќе ги поврзе населените места Илинден, Марино и Кадино или повеќе од 10.000 жители, ќе овозможи и нови можности за рекреација, комуникацијата, заедничкото дружење и рекреативен спорт. Се предвидува изградба на пешачко-рекретивна патека, односно шеталиште, изградба на велостипедска патека и патека за ролерки и скејтборди, поставување на реквизити и уредување на зелени површини во должина на патеката. Вкупната вредност на овој проект изнесува 14,5 милиони денари.

Третиот одобрен проект е „Изградба на пешачко-излетничка патека за пристап до манастирот „Св.Петар и Павле“ кај село Ајватовци“ во должина од 763 метри. Ќе се овозможи целосно уредување на пешачко-излетничката патека со асфалтирање, како и нејзино осветлување и поставување на клупи и корпи за отпадоци, со што излетничката патека целосно ќе ја добие својата функционалност. Вкупната вредност на овој проект изнесува 5,3 милиони денари.

 

 

Оцени ја веста

19.08.2015 - 12:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега