Ставрески: Македонската економија е жилава и и пркоси на општата економска криза
Вредноста на инвестицијата за отворањето на новиот коп во Рудникот „Саса“ во Македонска Каменица е осумнаесет милиони евра. Отворањето на новиот коп значи продолжување на експлоатацијата за наредните 12 години и отворање нови 30 работни места.
Министерот за финансии Зоран Ставрески смета дека денешното отворањето на новиот ревир во Саса покажува дека македонската економија е жилава и и пркоси на општата економска криза што се случува во Европа и е показател за традиционално добрите односи со руските инвеститори кои во земјава, подвлекува, увидоа дека Македонија ги нуди најдобрите услови кога станува збор за водење бизнис.
- Можеби е нескромно, но ќе истакнам дека и покрај исклучително тешките услови и предизвиците кои ни доаѓаат од Европа македонската економија стана еден вид феномен. Имено, кога секаде во Европа се отпуштаат работници кај нас се отвораат нови работни места и се намалува стапката на невработеност, кога секаде паѓа производството и економската активност кај нас се отвораат нови погони и фабрики, кога во соседството странските инвеститори се повлекуваат, кај нас влегуваат со нови инвестиции, истакна министерот Ставрески.
Тој додаде дека секторот рударство е значаен за македонската економија со учество од над 18 отсто во бруто домашниот производ и дека особено радуваат позитивните стапки на раст на производство во рударството во првите два месеци од оваа година кои надминуваат 17 отсто. Очекува отворањето на овој капацитет позитивно да влијае на економскиот раст особено ако се земат предвид поволните трендови на светските берзански цени на оловото и цинкот.
- Извозот на метални руди и други производи од рударството во периодот јанаури-април 2013 година изнесува 49,9 милиони евра што претставува значителен раст од 31,5 отсто во однос на истиот период од минатата година кога изнесуваше 38 милиони евра. Вредноста на извезените метални руди и други производи од рударството во минатата година изнесуваше 134,7 милиони евра, истакна Ставрески.
Директорот на рудникот Александар Раков инвестицијата значи продолжување на експлоатацискиот рок на рудникот и отворање нови работни места кои на почетокот ќе бидат околу 30.
Градоначалникот на Македонски Каменици Дарко Митевски рече дека постои плодна соработка со овој стопански капацитет и дека и во иднина ќе продолжи и ќе резултира со нови проекти во комуналната инфраструктура и подигањето на животниот стандард на рударите и на населението во овој крај.