Владата со трајни решенија и инвестиции за подобрување на водостопанството

Владата во рамки на своите надлежности максимално ќе помогне за надминување на штетите од обилните врнежи во прилепско и сите останати региони во државата, рече денеска заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски.

На прес-конференцијата по повод претстојните Отворени денови на Платежната агенција, Костадиновски, одговорајќи на новинарски прашања, напомена дека веќе се донесени одлуки за целосна анализа на состојбата, пренесува МИА.

Побарани се експерти кои треба да направат темелна проценка на штетите по што ќе се донесат мерки за инвестиции во инфаструктурата како трајни решенија. Тоа се прави на целата територија на Македонија.

- Вакво невреме во Тетовско не се случило од 1968 година. Ситуацијата на терен е трагична. Елементарната непогода однесе човечки животи, направи големи наноси и свлечишта од планинските предели над Шипковица, во делот на Речица, Доброште, целиот регион. Постојат многу суводолици не само во тој дел, туку околу планинските предели низ цела Македонија. Постепено ќе се инвестира во зафати кои ќе значат потенцијално прибирање на водите од суводолиците кога ќе бидат наполнети со вода од дождови,..., истакна Костадиновски.

Владата, додаде, исклучително сериозно пристапува кон справување со состојбите - има акциски план за итни интервенции, но и системски, трајни решенија чија реализација е веќе во тек. Во периодот пред 2006 година речиси ништо не е вложено во овој сегмент.

Финансиската инјекција во водостопанството која предвидува рехабилитација на постоечката инфраструктура, но и изградба на нови објекти, а треба да овозможи надминување на проблемите со елементарните непогоди, водата за пиење и за наводнување, во наредните десет години ќе биде, како што потсети заменик-министерот, 200 милиони евра. Дел од проектите веќе се спроведуваат, а дел се во почетна фаза.

- Имаме акциски план за итно санирање, но и програма за темелно, трајно решавање на состојбите. Средствата се обезбедени, постапките се во тек, очекуваме за година до две да бидат изградени брани кои ќе значат капитални инвестиции и благосостојба за регионите. Со предвидените инвестиции планираме да ги решиме долгогодишните проблеми на земјоделците. Изминатите години не се инвестирало, но сега е донесена одлука на Влада и е направена програма, посочи Костадиновски.

Во тек е постапката за темелна реконструкција и изградба на сите инфраструктурни обејкти, брани и иригациски системи, разрушени од поплавите годинава, во вредност од 10 милиони евра преку ИПА програмите. Се работи за мостови, патишта, локални, регионални, во Пелагониско, Штипско, Кочанско, Оризари,..., секаде каде што имаше проблеми.

Со програмата  2015 - 2025 година, подвлече Костадиновски, јасна е определбата дека во следниот период Владата сака состојбата да биде целосно регулирана. 

Според него, планираните 200 милиони евра се реалност, евидентна е нивната реализација. - Злетовица е факт, постои, пристапниот пат до браната Речани од три милиони евра веќе се гради и треба да е готов до крајот на годината, се инвестира во браната Коњско, во Пелагонија,... Инвестициите нема да престанат, напротив, целата планирана програма ќе се реализира, потенцира заменик-министерот.

Чистењето на речните корита е во тек, а редовно се чистат и главните и секундарните канали за наводнување, како и за одводнување. 

- На ред е коритото на реката Црна кое ќе почне по завршување на оваа наводнувачка сезона и за кое се обезбедени еден милион евра. Потоа, ќе се пристапи кон целосна регулација на коритото на Црна согласно ексертската студија што треба да биде готова до октомври годинава. Паралелно се зафаќаме и со трајно решавање на проблемите со речното корито во пелагонсикиот крај. Предвидени се и инвестиции во реконструкција на брани во Источна Македонија, пред се на браната Пишица која е целосно срушена од поплавите и наносите во февруари 2013 година, напомена заменик-министерот, додадавчи дека за таа цел се веќе обезбедени еден милион евра од државниот буџет, информира Костадиновски.

Во однос на градењето капитални објекти, кон средината на овој месец ќе се објави тендер за градење брана „Речани“ на Оризарска река, меѓу Кочани и Виница чија инвестиција се проценува на околу 40 милиони евра. Договорот за изградба се очекува да се склучи при крајот на годинава. Браната ќе биде повеќенаменска - за снабдување со вода на Кочани и Виница, за наводнување на 3.000 хекатри и за изградба на хидроцентрали за електрична енергија.

Во завршна фаза е и тендерот за изградба на браната Коњско во Гевгелија, вредна 40 милиони евра, исто така капитален објект преку кој ќе се наводнуваат околу 4.000 хектари земјоделска површина.

Покрај овие проекти, предвидени се и други помали - изградба на канализација за наводнување, чистење на каналите и рехабилитрација.

Паралелно со инвестициите, водостопанските претпријатија се подготвуваат за централизиран систем на управување и за почетокот со работа на АД водостоспанство од 1 октомври 2015. Сите овие мерки, нагласи Костадиновски, се насочени кон подобро менаџирање на водостопанството, ефикасно наводнување и заштита од елементарни непогоди.

 

 

Оцени ја веста

07.08.2015 - 14:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега