ДИЈАСПОРАТА ЕДНОГЛАСНА: Гласањето мора да остане

Иднината на нашиот народ и држава е оставена во рацете на мала група политичари кои сакаат да си поиграат со националните чувства на македонската дијаспора, нашите граѓански права, но и должности како македонски државјани без оглед на фактот што сме на привремен престој во странство, реагираат од Советот на Македонска Заедница, национален центар Детроит.

Во продолжение го пренесуваме интегралниот текст од соопштението испратено од Совет на Македонска Заедница, национален центар Детроит,  САД.

Додека во Стерлинг Хајтс, Мичиген, се слави Неделата на македонската култура, Македонците од детроитскиот басен и најмногубројниот Македонски Национален центар од САД потсетуваат на Референдумот од 8-ми септември 1991 кога масовно излегувајќи на истиот му дадоа легитимитет на процесот на осамостојување на Република Македонија.

Доказ за сето тоа е ангажманот на повеќе Македонци на значајни позиции во државните институции кои секојдневно придонесуваат во повеќето сегменти, но најмногу во делот на економската промоција, привлекувањето на странски капитал и подобрување на стопанисувањето, стопанството, но и останатите политички процеси во Македонија.

Советот на  македонската заедница во кој што заедно работат многу организации на Македонците будно ги следи сите случувања во Македонија и е потполно свесна дека денес Македонија се соочува со сериозни преизвици. Жално е што нашата желба непосредно и интензивно да придонесеме во актуелните, реформски процеси во Македонија наидува на тесно-партиски и политички спротивставувања, кои ги занемаруваат суштинските интереси.

За да биде иронијата уште поголема, иднината на нашиот народ и држава е оставена во рацете на мала група политичари кои сакаат да си поиграат со националните чувства на македонската дијаспора, нашите граѓански права, но и должности како македонски државјани без оглед на фактот што сме на привремен престој во странство.

Независно од ваквите стојалишта, нашата насоченост кон татковината е мотивирана со желбата за придонес, но и вербата дека напредокот и благосостојбата на Македонија зависат меѓу другото и од степенот на вклученост на дијаспората и нејзиниот непроценлив потенцијал во развојот на Македонија.

Се работи за извонредно богатство на искуства и потенцијал, знаења и умешност, што можат да придонесат за квалитетно и брзо осовременување на Македонија, практично во секој поглед. Токму затоа, се обраќаме до најголемите политички партии во Македонија , медиумите. но и сите одговорни субјекти, да не ја ставаат на коцка иднината на државата, да не дозволат нивниот партиски рејтинг и внатрепартиски интерес да ги загрози односите со Македонската дијаспора. Здобивањето со избирачко право во Македонија беше долготраен, но и долгоочекуван  процес и ние нема да се откажеме од него. Советот на Македонската Заедница ќе продолжи да се бори за одржување на двонасочна и ефективна врска со Македонија, а ние цврсто сме убедени дека суштински инструмент во таа насока е неоттуѓивото и со Устав загарантирано право на глас на бројната македонска дијаспора.

Mакедонска алијанса: И дијаспората има право на глас

Ги повикуваме сите политички субјекти во Република Македонија да не се пазарат со основното демократско право на македонската дијаспора, да избира и да биде избрана за да влијае на општествените текови во татковината, се вели со соопштението на Македонската алијанса.

 

За Македонската слијанса избирачкото право е основно политичко право на граѓаните и претставува обележје на современите, демократски, плуралистички држави кое е загарантирано со Универзалната декларација за правата на човекот од 1948 година.

„Ние сме свесни дека веројатно има одредени прашања кои можат да се подобрат, но секој почеток е тежок и секогаш постои можност правилата да се унапредат врз основа на претходните искуства. Ние имаме разбирање за фрустрацијата на одредени политички партии, кои својот неуспех да се наметнат програмски во дијаспората сакаат да го решат со иницијативи за укинување на нивното право за гласање.

Зголемувањето на одзивот кај иселениците, не може да се реши само со воспоставување на изборен праг, туку со осмислена државна стратегија која ќе биде усвоена со општествен и политички консензус, и ќе биде насочена кон градење на чувство на припадност кон татковината на новите генерации иселеници и со тоа зголемување на одзивот на следните избори.

Еднаквоста како принцип на избирачкото право значи дека гласот на секој граѓанин има еднаква вредност.

Партиите кои се дел од оваа работна група под никаков основ не смеат да ги дискриминираат граѓаните од македонската дијаспора и да ја девалвираат вредноста на нивниот глас, посебно не на овие избори, бидејќи истите ќе преставуваат крстопат за иднината на Македонците. По осамостојувањето на Македонија овие избори имаат најголемо значење затоа што после нив многу работи ќе се сменат во македонската политика.

Затоа ги повикуваме сите учесници во оваа дебата, да не се осудат да ги прекршат правата на своите граѓани.

Ова треба да биде точка од која не отстапуваме затоа што волјата на народот е основа на државната власт“, вели Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, претседател на Македонската алијанса.

 

ОМД: Правото на глас на дијаспората мора да се заштити

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) соопшти дека ги следи активностите на работната група за измени во изборниот законик и ги осудува сите напори кои би наштетиле или би им го одзеле правото на македонските иселеници да гласаат на претседателски и парламентарни избори во Република Македонија во трите изборни единици во дијаспората.

- За нас, предлогот за одземање или дополнително отежнување на правото на глас на дијаспората претставува несфатлив потег кој укажува на длабоко непочитување кон оние кои имаат континуиран и огромен придонес за економскиот развој на Република Македонија, како и за добивање меѓународна поддршка околу пристапот на државата во Евро-атлантските институции како НАТО и ЕУ, се вели во соопштението.

ОМД укажува дека дијаспората е клучен партнер на Република Македонија и е интегрален елемент за унапредување на Репулбика Македонија во сите полиња, особено надворешната политика и економијата. Дијаспората директно придонесува 18-20 проценти од домашниот бруто производ на Република Македонија, а придонесува и за зголемување на локалната економија во земјата. Историски, Македонците надвор од матичната држава се бореле за незавизна, слободна, и суверена Македонија и откако оваа цел во 1991 год. се постигна, дијаспората продолжи да биде важен фактор за стабилноста и компетитивноста на државата. Затоа, според ОМД, дијаспората мора да продолжи да го ужива своето универзалното право на глас и да биде претставена преку свои пратеници во Собранието на Република Македонија.

Во време кога на Македонија и е потребна секоја помош, политичките субјекти треба да работат на изнаоѓање начин како да ја привлечат дијаспорта уште повеќе да и помогне на Македонија, а не дополнително да ја оттуѓуваат преку одземање на нејзиното право на глас. ОМД се залага за олеснување на начинот на гласање со воведување електронско гласање, со што би се зголемил бројот на гласачи и би се намалиле трошоците за гласање на дијаспората. Ставот на ОМД е дека Македонија треба да има и Министерство за дијаспората, како Израел, Грузија, Словенија, Србија, Косово, Ерменија, Етиопија, и други земји со цел да се продлабочи врската меѓу иселениците и татковината.

- Од Владата на Република Македонија, се уште немаме добиено одговор по ова прашање, но се надеваме дека наскоро овој предлог ќе биде сериозно разгледан и дека ќе добиеме позитивен одговор. Дијаспората поседува огромен капацитет да придонесе кон економскиот и демократскиот развој на Македонија, и затоа ги повикуваме сите политички субјекти, наместо да ја дистанцираат дијаспората и да го отежнуваат нејзиниот искрен напор да и помогне на државата, да покажат почит и јасна заложба за искористување на способностите на дијаспората со единствена цел за напредок на Македонија и подобра иднина за македонските граѓани, стои во соопштението од ОМД.

 

 

Оцени ја веста

29.07.2015 - 11:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега