Судири во Египет - 23 лица загинаа 200 се повредени

Најмалку 23 луѓе загинаа и повеќе од 200 се повредени ноќеска во судири меѓу противници и приврзаници на египетскиот претседател Мохамед Морси. Најголем број жртви се регистрирани пред Универзитетот во Каиро.

Според западни медиуми, ситуацијата е тензична и неизвесна бидејќи Морси веќе отфрли повици за оставка, наведувајќи дека својот уставен легитимитет ќе ги брани со животот и ја повика армијата да го повлече ултиматумот кој истекува денеска попладне по локално време.

Американски медиуми јавуваат дека Морси и Муслиманско братство чиј член е тој, се подготвени да се соочат со армијата и сметаат на поддршка од исламистите.

Локални медиуми најавуваат дека денеска ќе биде ден на заминување на Морси од власта и покрај неговиот отпор. Египетскиот весник Ал ахрам денеска објави дека очекуваат Морси да се повлече или да биде сменет по истекот на рокот поставен од армијата.

Поранешниот генерал во египетската армија Самех Сеиф Елазал е уверен дека армијата ќе ја спаси државата, но не сакаат да владејат.

– Армијата нема никаква намера да ја преземе власта, да раководи со државата, изјави тој за виенски Пресе.

најчитано сега