Внимавајте: Напаѓаат змии и крлежи - над 350 пациенти побарале помош на Инфективна

За два месеци во специјалистичката амбуланта на Инфективната Клиника, 347 пациенти побарале помош поради каснување од крлеж, јавува zdravstvo24.mk. Поради сериозноста 5 од нив биле и хоспитализирани. Истиот период  на болнички третман во Инфективна завршиле и 8 лица кои биле каснати од змии, вели во интервју за zdravstvo24.mk др Жаклина Шопова од Клиниката за Инфективни болести. За срека, како што вели др. Шопова нема пациенти со  посериозни комликации. Се уште не е регистриран случај на лајмска болест која се пренесува од крлежите. А доколку на ова се додадат и пациентите кои побарале помош во болницата 8-ми септември, хируршката Клиника Свети Наум Охридски и останатите инфективни одделенија низ државата, тогаш, како што велат епидемиолозите, бројката е двојно поголема. По отстранување на крлежот се дава превентивна и антибиотска терапија.

-Луѓето кога одат на отворени површини, по шуми и ливади за да се заштитат од крлежи треба да носат долги панталони и облека со долги ракави за да останат што помалку откриени делови од телото. Доколку се случи по каснувањето дел од крлежот да остане во телото, најпрепорачливо е да се оди во најблиската ординација и да го извади стручно лице. Местото каснато од крлеж треба да се следи околу еден месец и ако се јави црвенило, веднаш треба да се оди на лекар. На лекар треба да се јават и лицата кои по една до две недели откако биле каснати од комарци или крлеж, добиле висока температура, треска и осип по телото. Ова се дел од препораките на епидемиолозите за заштита од крлежи.