Двајца портпароли на Морси поднесоа оставка
Двајца портпароли на египетскиот претседател Мохамед Морси денеска поднесоа оставка, изјави официјален претставник од Министерството за надворешни работи во Каиро.
Ова се случува во момент кога власта на шефот на државата се соочува со предизвици од страна на демонстрантите и армијата.
Според претставникот на египетското МНР, оставка поднеле Омар Амер и Ихаб Фахми, кои речиси пет месеци зборуваа од името на Морси. Ваквата постапка на двајцата портпароли ги зголемува проблемите на претседателот во момент на протести, со кои се бара негово заминување од власт.
Шестмина министри, кои не се членови на владејаќкото движење „Муслиманско братство“ вчера поднесоа оставки, а армијата му постави 48-часовен ултиматум на Морси да ги исполни „барањата на народот“ во спротивно ќе интервенира и ќе наметне сопствена агенда за иднината. Ултиматумот истекува утре.