Наскоро закон за инфраструктура на просторни податоци во Македонија
Македонија наскоро ќе добие закон за инфраструктура на просторни податоци.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески денеска изјави дека Нацрт-законот е веќе изготвен и наскоро се очекува негово усвојување и донесување од страна на Владата и Собранието.
- По донесувањето на законот, 17 институции ќе треба да ги изработат потребните геопросторни податоци што ќе бидат инкорпорирани во владин геопортал со кој, согласно законот, ќе управува Агенцијата за катастар на недвижности. Откако ќе се конституира тој ќе може да се поврзе со геопросторните податоци на земјите членки на Европската унија, рече Трпески во рамки на денешниот регионален форум Inspiration.
Според Фриц Кроис, менаџер на проектот, Македонија е една од земјите во регионот која бележи напредок во оваа сфера.
- Македонија е на добар пат да остане една од земјите кои во овој поглед се на прво место. И честитам за напредокот што го направи за релативно краток период. Минатиот пат кога во октомври бевме во Македонија беше формирана само работна група, а сега веќе има нацрт на нов закон, изјави Кроис.
- Геодетските податоци се едни од двигателите на стопанството на која било држава. Тие се едни од темелите на економскиот развој на секоја држава и доколку не водиме грижа за нив тогаш нема да имаме напредок во економијата и стопанството. Кај нас предлог-законот веќе е разгледан од страна на хрватскиот Сабор и тој во петок ќе биде изгласан. Тоа е наша обврска поради приклучувањето кон Европската унија на 1 јули годинава, истакна Данко Марковинович, директор на Државната геодетска управа на Хрватска.