Средба Јолевски - Фаркаш: Силна поддршка од САД за членство во НАТО

Република Македонија е подготвена да биде полноправна членка на НАТО, истакна министерот за одбрана Зоран Јолевски на дненешната средба со заменик - помошникот секретар за одбрана на САД Евелин Фаркаш.

Стратешки цели на Македонија, нагласил Јолевски, остануваат членство во Алијансата и во Европската Унија, соопшти денеска Министерството за одбрана.

„Реформските процеси се движат со високо темпо, а со тоа ние влијаеме и врз развојот на капацитетите на Армијата на Република Македонија“, рекол министерот Јолевски, и додаде дека пример за тоа се планираната модернизација на АРМ и натамошно зајакнување на обученоста на припадниците на АРМ, како и процесот на прием на професионални војници, со цел – прием на најквалификуваните кадри во редовите на Армијата. Како начин на развој на одбраната министерот Јолевски ја споменал и Воената академија на која во текот на оваа школска година ќе започне да се предаваат предмети на англиски јазик во трета и четврта година, со што ќе се влијае на можноста за размена на студенти со земјите-партнери.

Заменик-помошникот на секретарот за одбрана на САД, Фаркаш, истакнала дека САД ја поддржуваат Македонија во процесот на добивање полноправно членство во Алијансата, а се и исклучително благодарни за учеството на припадниците на Армијата во меѓународните мисии за поддршка на мирот.

„Македонските мировници се едни од највизибилните во Авганистан. Кога ќе помислам на мисијата, тие се првите кои ми доаѓаат на ум. Станува збор за вистински професионалци со високо развиени квалитети и капацитети“, додал Фаркаш.

Министерот Јолевски и заменик-помошникот Фаркаш, се вели во соопштението, се согласиле дека билатералните одбранбени односи помеѓу двете земји се исклучително високи, а во иднина треба да се задржи истото темпо и воедно да се изнајдат нови иновативни можности и начини за нејзин дополнителен развој.

 

 

Оцени ја веста

13.07.2015 - 13:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега