Богдан (Бетмен) Илиевски - Македонецот е најспокоен кога има натсинхронизација

Богдан Илиевски, социјално активен како Бетмен Велит е саботниот избор за интервјуто за Прес24. Во стандардна политчка состојба во Македонија, Иливески одговара на нестандарни прашања.

- Во Македонија има многу борци за демократија кои без проблем демократијата ја разбираат како поле на кое имаш апсолутно неповредливо демократско право да размислуваш како нив, во спротивно ти си тиранин, Црвен Кмер, копиле на Беелзебуб, вели Илиевски во интервјуто за Прес24.

За него решение на политичката криза е голема преселба на Македонците.

 

ПРЕС24: Што велит Богдан за Бетмен, а што Бетмен за Богдан?

БЕТМЕН ИЛИЕВСКИ: Од кај па да ги знам јас што си мислат тие две будалетинки еден за друг... Веројатно и двајцата еден за друг мислат дека се убави само не си признаваат. Богдан за Бетмен велит дека некогаш и премногу нема мерка и влегува во центрифугата тотално непотребно. Бетмен на тоа велит дека Богдан станал архитект бидејќи не бил доволно маж да е градежник. Но се сакаат, поголем дел од времето и не можат еден без друг.

ПРЕС24:  Ти си еден од оние млади кои се обидуваат да успеат во Македонија. Што е за тебе поголем успех, да сметаш дека си успеал овде, или да успееш да заминеш надвор?

БЕТМЕН ИЛИЕВСКИ: Види, не е некој успех ниту да сметаш дека си успеал ниту да заминеш надвор. За првото доволни ти се солидно ниски критериуми, за второто пасош и во последно време драма квин цмиздрачки способности. Не сметам дека има поголема вредност тоа што го нарекуваме успех во зависност од географската локација на која е реализиран. Успех е да го направиш Фејсбук, и во Македонија и во Америка. Во Америка полесно ќе најдеш инвеститори, во Македонија ти е поевтин бурекот за доручек после цела ноќ програмирање.  

ПРЕС24:  Можно ли е да се живее во Македонија од ум? Во смисла да се заработи за живот?

БЕТМЕН ИЛИЕВСКИ: Општото мнение дека најдобро се заработува кога не те краси премногу памет многу често го форсираат оние кои не се премногу по украсите . Сигурно е можно - питачите на семафори умно градат стратегија на кој автомобил да му сервираат молитвење за 5 денари. Иако не би можел да тврдам, навистина.  Не сум доволно паметен.

ПРЕС24:  Колку вреди животот? Или ако ти е полесно колку е вреден животот?

БЕТМЕН ИЛИЕВСКИ: Има моменти кога се возиш во кола на автопат, сонцето започнува елегантно да паѓа како сервирана тенисерска топка на Севишниот Федерер, ги слушаш Пинк Флојд и си среќен што знаеш девојка како неа. Тогаш животот ти се чини бесценет. Момент потоа читаш повик за помош на момче од 30 години кој ако не плати 60.000 евра за операција најверојатно нема да ја дочека новата година и на животот гледаш како на џемпер во продавница со етикета и цена. И дека ако не ја платиш точната цена, без џемпер ќе смрзнеш и нема да дочекаш пролет со Пинк Флојд, пиво и со неа. Не сакам да знам колку вреди животот. Сакам да го живеам вредно.

ПРЕС24:  Како ти го мериш македонскиот спокој?

БЕТМЕН ИЛИЕВСКИ: Македонецот е најспокоен кога има натсинхронизација. Дали во турска серија на тв, дали над неговата „судбина“, сеедно.

ПРЕС24:  Што му недостига на македонското општество за да биде нормално?

БЕТМЕН ИЛИЕВСКИ: Три пијачки. Секој Македонец и сите преамбулски народи кои живеат во нашите граници ако во ист момент се напијат три пијачки во исто време, ќе имаме краткорочна нормалност. Потоа добар дел од пијачите ќе преминат на седма пијачка, добар дел ќе се во пост-алкохолна депресија, па ќе се вратиме на состојбата во која сме денес. И ни е нормална.

ПРЕС24:  Општество на политички кризи би бил веројатно најсоодветниот термин ако се извади заклучок за состојбата во која Македонија еве три децении ја живее својата независна државност. Дали политичките кризи се реалност, или храна за опстој на политичките елити?

БЕТМЕН ИЛИЕВСКИ: Ако политичките елити креираат кризи за да брмчат како пчели околу медот кој го нуди власта и ние тоа го толерираме 25 години, тогаш веројатно ние сме трутовите кои служат само за оплодување на страстите на елитите и херојски умираме после сексуалниот акт, по неколку пати секој ден, радувајќи се што сме угинале во еден таков соблазнувачки чин. Реалноста е субјективна категорија, реално.

ПРЕС24:  Има ли во Македонија судир на злото и доброто, ако се следи логиката на Заев дека е пратен од Господ да ја среди состојбата?

БЕТМЕН ИЛИЕВСКИ: Последниот кому му поверувавме дека е пратен од Господ да средува работи на Земјата заврши на крст. И покрај желбата и спремноста на денешни ликови да биднат распнати па обожувани, како олицетворенија на доброто не ги земам оние кои само опонираат на злото. Тоа е најлесниот дел од работата која треба да се заврши. Почетокот секогаш е преку личен пример.

ПРЕС24:  Речиси секогаш кога ќе се појави каква било форма на политичка криза во државата нејзиното решение доаѓа од надвор. Зошто во Македонија на странската интервенција се гледа како на државноспасение?

БЕТМЕН ИЛИЕВСКИ: Затоа што сме мрзи и имаме изградено однос на неспособност кон себе, невреднувајќи си го сопствениот живот и потенцијал. Секогаш е полесно некој „да ти го помине главниот“ кога играш флипери. Комплексот на пониска вредност кој денес го имаме кон ЕУ / САД / Билокој, не е нов. До пред 25 години сме го имале кон Белград. Тешко е да си ги засукаш ракавите и да си го земеш животот во свои раце. Ама ако не го направиш тоа, ќе држиш друго во рацете, цело време.

ПРЕС24:  Кога омразата ќе стане легитимно средство дали крајната цел може да се нарече демократија?

БЕТМЕН ИЛИЕВСКИ: Демократски е и да мразиш, особено ако уживаме во омразата како народ. Ако не, треба да преземеме нешто околу тоа.

ПРЕС24:  Како ти ја дефинираш македонската демократија?

БЕТМЕН ИЛИЕВСКИ: Во Македонија има многу борци за демократија кои без проблем демократијата ја разбираат како поле на кое имаш апсолутно неповредливо демократско право да размислуваш како нив, во спротивно ти си тиранин, Црвен Кмер, копиле на Беелзебуб. Немаме демократски капацитет, ниту имам нерви да бидам оптимист и да се надевам дека тоа може да се промени.

ПРЕС24:  Зошто во камповите кампуваат партиски членови, а не партиски функционери?

БЕТМЕН ИЛИЕВСКИ: За да не им фаќаат место на членовите за кои кампувањето пред влада или парламент е единствената опција за одмор која некогаш ќе ја имаат.

ПРЕС24:  Да те прашам со твое прашање. Има ли некој на власт во Македонија и кој?

БЕТМЕН ИЛИЕВСКИ: Има, 100-тина кампери и 2 милиони претседатели на Република Македонија, со сето кредо кое го носи оваа престижна функција.

ПРЕС24:  Како ти би ја решил политичката криза во Македонија?

БЕТМЕН ИЛИЕВСКИ: Со голема преселба на Македонците, по стапките на славните претци: дел да се вратат зад Карпатите, дел да тргнат по ослободителната маршрута на великиот Александар.

ПРЕС24:  Веруваш ли во европска Македонија?

БЕТМЕН ИЛИЕВСКИ: Допадлива е идејата за обединета Европа. За свет без граници во кој си ја почитуваме различноста, уживаме во неа, а не и робуваме гледајќи ја како основен предуслов за посебност, како примарна дрога која ќе го олесни поднесувањето на сопствената беда на духот. 

ПРЕС24:Навиваат ли Македонците за бедна Грција?

БЕТМЕН ИЛИЕВСКИ: Можеби оние кои планираат да го купат Солун, сфаќајќи ја како личен неуспех светската неправда во епилогот од Јалта. Христијански е да не се посакува беда на ближниот (комшија), иако често знаеме да ги бајпасираме пишувањата во нашите свети книги, повикувајќи се на кармата како вид на космичка правда. Но не смееме да заборавиме дека карма ис а бич.

ПРЕС24:  Ако некогаш се најдеш во прашање за екстерно како би сакал тоа да биде формулирано?

 

БЕТМЕН ИЛИЕВСКИ: На која екстерна плажа летово со сета грижа на совест за Македонија, одмара Бетмен велит? 

 

 

Оцени ја веста

11.07.2015 - 15:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега