Руската ракета која се распадна по лансирањето може да ја загади животната средина
Отровни материи, од руската ракета, која денеска експлодира во Казахстан можеби навлегле во почвата и се прошириле во воздухот, предупредуваат претставници на казахстанската осигурителна компанија „Евразија“.
Ракетата Протон-М со три навигациски сателити, која беше планирано да биде лансирана денеска од космодромот Бајконур, имаше дефект и експлодира на 70 километри од местото на лансирање.
- Ова е прв случај во изминатите години на лансирање на ракета, кој заврши со експлозија , соопшти „Евразија“, која учествуваше во обезбедувањето на ракетата.
Причините за хаваријата се истражуваат од комисија, предводена од Александар Лопатин, заменик-директор на руската вселенска агенција „Роскосмос“.
Според претставници на „Евразија“ во моментот на експлозијата во ракетата имало речиси 500 тони гориво, вклучувајќи и отровни супстанци. Според нив можно е тие отровни материи да навлегле во почвата и да се прошириле во воздухот, поради што потребно е да се прочисти регионот околу местото на несреќата.
Според руската вселенска агенција во инцидентот, кој се случил поради исклучувањето на моторите во 17-та секунда од полетувањето, никој од персоналот не е повреден, а не е причинета ниту материјална штета на комплексот за лансирање. Според првичните информации на локацијата каде паднале остатоците од ракетата исто така нема жртви, ниту е причинета материјална штета.