Ристески ги открива деталите за ПивоФест, забава која не смее да се пропушти
Се наближува периодот од годината кога сите патокази се вртат кон Прилеп. Љубителите на одлична музика, превкусна скара и ладно пиво знаат каде треба да бидат од 16-ти до 19-ти јули.
Во четврток посетителите ќе ги забавуваат Слаткаристика, Љубојна, Саша Коваќевиќ , DJ Славе, Мето, Мартин и Синиша. Во петокот свој настап ќе имаат Radio Activ, ZAA, DNK и Прљаво Казалиште.
Во саботата настапува македонскиот фолк изведувач Наум Петрески, Неда Украден и Оливер Драгоевиќ, додека пак во неделата свои настапи ќе имаат Ален Хасановиќ, Гоца Тржан и Дино Мерлин. На сцената со Гоца ќе настапи и нашиот претставник на „Пинкови ѕвездички“, Трајче.
Прилеп е подготвен, а публиката во исчекување. На една недела пред огромниот спектакл, Курир ги побара деталите од прилепскиот градоначалник Марјан Ристески.
-Фестивалот на пивото во Прилеп е еден од најпознатите фестивали на Балканот. Успеавме овие 10-тина години да направиме еден голем туристички бренд кој многу значи, не само за Прилеп туку и за Република Македонија. Самиот факт дека имаме посетеност некаде околу 400.000 гости за 4 дена го сместува со најголемите, заедно со Егзит и Гуча, прилепскиот Пиво фест е еден од најпосетените на Балканот. Штандовите се секоја година се поубави и поубави имаме прекрасни штандови кои нудат одлична услуга за сите посетители. Така овој фестивал е посебен. Оваа година ќе имаме преку 40 врсти на пиво и познатата вкусна прилепска скара, а сето тоа ќе биде зачинето со добра музика, познати пејачи кои ни доаѓаат не само од Македонија, туку и од целиот Балкан. Имаме веќе најава на организирани туристички тури од соседните држави, посебно од Хрватска, Србија, Бугарија, соседна Грција, па и Албанија. Тука секогаш ни се драги гости нашите иселеници кои ги имаме насекаде низ светот и обично својот одмор го токмат да биде кога се случува и самиот фестивал на пиво во Прилеп, како и голем број на гости од цела Европа и светот бидејќи прилепскиот ПивоФест ќе влезе на светската карта на фестивали заедно со ОктоберФест и другите пивски фестивали. Организацијата е спремна очекуваме овој фестивал да ги надмине сите бројки. Мислам дека имаме искуство, добра организација и добра забава. Тоа е рецептот за успех, вели градоначалникот.
Ристески во една прилика рече „Локално фестивалче го направи Прилеп туристичка атракција“. Публиката добива се, но бенефит има и градот и регионот.
-Вистина, почна малку како срамежливо фестивалче пред 13-тина години. Прерасна во регионален фестивал, па во балкански и пошироко. Тоа е добро пред се за економијата на градот и на целиот регион. Да напоменам дека не само пиварите, угостителските објекти имаат бенефит и чаршијата, пазарот во градот. Се изнајмуваат станови, приватни апартмани, се изнајмуваат соби од хотелите во соседните градови и општини. На пример, и Крушево е полно за време на фестивалот. Полни се и битолските хотели бидејќи прилеп нема капацитет да ги смести сите тие гости, поради природата на близината на овие градови се полни капацитетите. Економски бенефит има целиот регион. Пресметајте, 400.000 гости да дојдат да остават само по 10 евра тоа е 4 милиони евра. Ние како локална самоуправа пред 10 години започнавме една идеја на развој на фестивалски туризам во нашиот град, кој туризам не само што е алтернативен, туку е и еден од најпознатите и најдинамични туризми во светот. И на некој начин успеавме тоа да го развиваме преку ПивоФестот, преку карневалот, правиме џез фестивал и ред други манифестации кои се случуваат во текот на годината, меѓутоа најголема манифестација од сите на која посветуваме и најголемо внимание, тоа е ПивоФестот, вели Ристески за Курир
Она што е многу важно за сите посетители е тоа колку Прилеп е безбеден тие грандиозни 4 дена. Сите фестивали досега поминаа без поголеми инциденти и без проблеми.
-Во оваа прилика да ги пофалам сите општински и државни институции кои директно и индиректно се вклучени во самата организација, а посебно јавните претпријатија, меѓутоа и МВР и другите инспекциски служби кои внимаваат околу квалитетот на исхраната, пијалаците кои се консумираат за време на самиот фестивал, одржувањето на јавниот ред и мир без ниеден инцидент на толку посетители. Исто така, голема благодарност и до комуналното претпријатие „Комуналец“. Секоја вечер, кога имаме и по 100.000 посетители, градот во утринските часови е комплетно чист како ништо да не се случило. Тоа е пример за пофалба и комплимент за јавното претпријатие. Да спомнам и Јавното претпријатие за паркинзи. Секоја вечер имаме 15-20.000 возила кои доаѓаат во градот безбедно да паркираат, да заминат од градот. Имаме обезбедено преку 20.000 слободни паркинг места, што значи сите посетители ќе бидат пречекани на самиот влез и ќе бидат упатени кон слободно место за паркирање. Уиграни сме како екипа, имаме огромно искуство, меѓутоа некои мали ситници кои ние сме ги воочиле гледаме да бидат исправени секоја година, така и оваа година во однос на тие организациони подготовки за време фестивалот ќе бидат подобрени и мислам дека ќе направиме оваа година фестивалот да биде уште попрофесионално организиран, вели градоначалникот за Курир.
За оние што сакаат авантура и оваа година има место за кампување на Могила. Бесплатно место за шатор, но и оброк и кафе од гостопримливиот Прилеп. Има и многу други забавни случувања, бенефити, промоции, игри, забава, тури низ градот. Сето тоа можете да го доживеете од 16-ти до 19-ти јули во градот под Марковите кули.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа