Струмичани бараат: Заев да се соочи со народот, не заслужува да биде градоначалник

Зоран Заев треба да си замине од позицијата градоначалник , да се соочи со народот и да распише нови локални избори.

Со вакво барање денеска излегоа групата граѓани кои веќе подолг период протестираат пред општинската зграда во Струмица и кои му порачуваат на градоначалникот Заев да си даде оставка и да ја напушти фунцијата.

Тие сметаат дека суштински Заев не е градоначалник на струмичани, туку само е лидер на неговата партија кој не обрнува ниту тронка внимание за градот Струмица и сака да ја втурне државата во пропаст.

-Заев наместо да бега и да држи пресови во Скопје и во други градови, нека дојде тука во Струмица, каде што ние граѓаните го плаќаме и нека објасни зошто ниту едно ветување не е исполнето, зошто ветувањата за нови канализации, нови водоводни системи, нови плоштади и осветлување-ништо од ова не е исполнето. Зошто Струмица е напуштена и е единствена општина без градоначалник. Зоран Заев е човек без образ и без кредибилитет и има изгубено контакт со реалноста. Со барањето на мито од 200.000 евра тој остана без образ и кредибилитет, вели Димитар Ангелов, еден од групата струмичани кои бараат оставка од градоначалникот.

Струмичани додаваат дека со криминалните тендери Заев докажал дека е нечесен, со својата не работа и лажните ветувања покажал дека не заслужува да биде градоначалник.

- Доста е! Ние граѓаните протестираме три месеци, секој ден а тој не се ни огласи во јавноста. Во желбата за политички интерес и профит, тој престана да биде градоначалник. Време е да си замине, што побрзо тоа подобро. Време е да се соочи со народот на изборите, рече Ангелов.

Дури и самиот Зоран Заев при денешната прес-конференција одржана во Скопје признава дека тој не може да се најде во Струмица, неговото работно место за кое струмичани го избрале и за што го плаќаат. Заев денеска изјави дека ако некој сакал да го најде тогаш тој бил или во просториите на СДСМ и во кампот пред Владата.

-Јас сум или во просториите на  СДСМ или во Кампот на слободата пред Владата заедно со граѓаните, рече Заев.

Од ваквото признание произлегува дека револтот на струмичани за негова оставка е и тоа како оправдан, бидејќи очигледно барањата и потребите на граѓаните на Струмица воопшто не влегуваат во плановите и обврските на Заев, иако тие му ја дадоа довербата да управува со градот и за тоа е платен од нивните пари. 

 

 

Оцени ја веста

01.07.2015 - 15:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега