Груевски во интервју за најголемата кинеска телевизија

 

Премиерот Никола Груевски пред почетокот на својата официјална посета даде интервју за најголемата и најгледана кинеска телевизија CCTV, која емитува вести на сите континенти и има повеќе од 70 меѓународни претставништва.

 Тој зборуваше за актуелните политички и економски прашања поврзани со Македонија и регионот.

 

Премиерот Груевски се задржа на реформите и поволностите за инвестирање кои Република Македонија ги нуди на глобалните компании, вклучително и кинеските, кои се дел од една од најбрзорастечките економии во светот која продуцираше огромен раст на бруто националниот производ на Кина. Тој ги објасни серијата на мерки и поволности кои им се нудат на инвеститорите, како што се ниските даноци и трошоци за правење на бизнис, како и скратените и олеснети административни процедури вклучувајќи ги поволностите за инвестирање во технолошко индустриските развојни зони кои се достапни за странските компании.Премиерот воедно ги повика кинеските компании да инвестираат во Македонија и посочи дека нивните инвестиции се добредојдени во нашата држава која може да ја искористат како поволна позиција и порта за инвестиции и производство и за продажба на производи на европскиот пазар. Во тој контекст, премиерот Груевски ја истакна и поволната отворена опција за можност за креирање на специјализирана технолошко индустриска развојна зона наменета само за кинески компании кои се заинтересирани да инвестираат во нашата земја и оттука да го покриваат европскиот пазар.

Посетата на премиерот Никола Груевски на Народна Република Кина наидува на голем медиумски интерес во Пекинг. Досега, освен премиерот Груевски, интервју за програмата на кинеската телевизија CCTV дале повеќе светски политички лидери, сопственици на глобални компании и економски експерти меѓу коии претседателот на Франција Франсоа Оланд,бразилската претседателка Дилма Русоф, претседателот на Казахстан Нурсутан Назарбаев, поранешниот премиер на Велика Британија Тони Блер, претседателката на ММФ Кристин Лагарт, поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, основачот на Мајкрософт Бил Гејтс и многу други лица од областа на политиката, бизнисот и општеството.

 

Интервјуто беше водено од страна на новинарот Руи Ченганг, кој е еден од водечките новинари на CCTV.

најчитано сега