Македонец повторно дел од ИО на Европската студентска унија

Поранешниот претставник на македонските студенти во Европската студентска Унија (ЕСУ), Блаже Тодоровски, по втор пат е избран да биде дел од Извршниот одбор на оваа организација. Во ЕСУ неговата работа се фокусира на евалуацијата на квалитетот на високото образование низ сите европски факултети.

Од Студентскиот Парламент на УКИМ информираат дека Рок Примозиц е новиот претседател на ЕСУ. Тој лани бил на местото потпретседател,  а е поранешен претседател на Словенската студентска унија.

- ЕСУ води посебна грижа за политиката наречена gender balance, па така еден од потпретседателите е Елизабетх Гехрке од Шведска, а другиот е Фернандо Мигуел Галан Паломерес. Новиот состав на извршниот одбор беше избран на 64. Годишно собрание на земји членки на Европската студентска организација, овој април во Будимпешта. Нивниот мандат почнува официјално од денеска, се вели во соопштението од СПУКМ.

Европската студентска унија е чадор-организација составена од 47 унии од 37 земји. Целта на оваа организација, како што информира  СПУКМ, е промоција на образованието, социјалните, економските и културните интереси на студентите низ Европа.

Студентскиот Парламент на УКИМ, како дел од Националната студентска унија на македонски студенти (чадор организација на сите парламенти  на факултетите под УКИМ и на парламентите на Штипскиот и Битолскиот универзитет) е дел од ЕСУ од 1994 година. 

најчитано сега