Стопанска комора: Настапот на нови пазари е предуслов за раст на извозот

 

Покрај воспоставената слободна трговија со ЕУ и ЦЕФТА, натамошната либерализација на трговијата на Македонија мора да продолжи, со приоритет во размената со Русија. Треба да се искористи и трговијата согласно Регионалната конвенција за пан-евро-мед преференцијални правила за потекло, кон која Македонија пристапи во јули лани, а што ќе се применува од 1 јануари 2015 година, порачаа денеска од Стопанската комора на Македонија.

Од таму оценуваат дека настапот на нови пазари е предуслов за раст на извозот. Свртувањето кон новите пазари е неопходно поради тоа што за македонските главни извозни дестинации Меѓународниот монетарен фонд за годинава процени пад на економските активности во Европската унија од - 0,3 проценти.

- Со негативно корегираните проекции од страна на ММФ, како и постојните ризици од случувањата во еврозоната, на краток рок, не можеме да очекуваме позначајно поместување во побарувачката од ЕУ, и покрај забележеителниот пораст во првиот квартал од годинава, рече на прес-конференција Стојмирка Тасевска, виш советник во УО на Комората.

Таа истакна дека врз основа на традицијата во надворешно-трговската размена на РМ во периодот пред транзицијата, сегашната насоченост во извозот, како и насочувањето на извозот на среден рок, за Македонија се клучни четири извозни пазари.  Тоа се ЕУ, за каде се препорачува извозна насоченот и на други пазари, ЦЕФТА, во чии рамки се укажува на потребата за поагресивен настап и на пазарите во Босна и Херцеговина, особено по ослободувањето на дел од пазарот на земјоделско-прехранбени производи за извоз од Хрватска, како и пазарот на земјите на Заедницата на Независни Држави (Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Грузија, Казахстан, Киргистан, Молдавија, Русија, Таџикистан, Украина, Узбекистан и Туркменистан), но и Блискиот и Среден Исток, земјите од Заливот и Северна Африка.

Анкетата што ја спровела Комората кај извозните компании во мај годинава, покажала дека за настап на новите пазари имаат повеќе проблеми.  Утврдени се проблеми со високи царини, односно немање преференцијална трговија, сиромашна билатерална регулаторна рамка, немање развиена мрежа на дипломатско конзуларни претставништва во најголемиот дел од тие земји, невоспоставена царинска и инспекциска соработка, транспортни проблеми, .... 

Љубица Нури, советник во Комората, укажа дека Регионалната конвенција нема ефект без билатерални  договори за преференцијална трговија, во што е предводник Турција. - Препораката  е што поскоро да се направат приоритети   и што поскоро да склучиме  билатерални договори за преференцијална трговија со Египет, Мароко, Тунис и Јордан, како и да се оптвори префернцијална трговија со Ирак и Либија, рече Нури.

Треба да се искористат можностите и во контекс на конкуренцијата во земјите во регионот. - Србија има договори за слободна трговија со Казахстан, Русија, Украина и Белорусија што  функционираат одлично,  на Хрватска со влезот  во ЕУ и се отвораат сите овие пазари и ќе може во полн капацитет да ја користи регионалната конвенција, БиХ има извонредни односи со Арапските земји.  Ние треба да видиме дали постои можност  од конзорциуми,   соработка и заднички настапи да се најдеме на тие пазари, рече Нури.

Одговарајќи на новинарски прашања, Нури рече дека Комората постојано бара од Владата склучување билатерални договори со држави од нови пазари и оти е неопходно лобирање и од Владата и од бизнис секторот.

- Одговорот не го знаеме. Меѓутоа, претпоставувам дека во процесот на евроинтеграција веројатно постојат некои други приоритети и веројатно тоа е причината. Сепак, постојано нагласуваме дека излегувањето на овие пазари е дел од ЕУ интеграцискиот процес. Од друга страна имаме информации од Министерството за економија дека некои од земјите каде е побарано не биле заинтерсирани за  договори за слободна трговија. Не треба да се застане на таа позиција,  рече Нури.

најчитано сега