На младите им требаат 2 години за да преминат од училиште кон работа

Околу 50 отсто од младите во Македонија се невработени, што е многу повисока стапка од вкупната невработеност во земјава. Државниот завод за статистика заедно со Меѓународната организација на трудот (МОТ) спроведе истржување за лицата од 15 до 29 години и податоците покажуваат дека преминот од училиште во работа трае над една година кај 75 проценти, а кај 57,6  повеќе од две години.

Според истражувањето „Премин на младите мажи и жени на пазарот на трудот во Република Македонија“ од целната група (15 до 29 години или 23 отсто од вкупната популација) 32 отсто се невработени со основно образование, 51 процент се со средно и 13,4 се невработени со високо образование.

Директорката на ДЗС Благица Новковска истакна дека главна цел на анкетата била да се види колку лесно младите лица може да го направат преминот од училиште кон работа.

- Индикаторите од оваа анкета покажаа дека многу мал дел од младите лица откако ќе завршат и ќе го комплетираат своето образование се вклучуваат во вработеност или се во некоја привремена вработеност. Кај повеќе од 50 проценти од младите кои го завршиле образованието и би сакале да најдат пристојна работа, преминот трае повеќе од две години и, според стандардите на оваа анкета, се смета за долгорочно траење на премин од училиште кон работа...Интересни се индикаторите за големо учество на младите лица во неформалната вработеност, односно дека оние кои преминале од училиште во вработеност се, всушност, голем дел во неформалната вработеност, рече Новковска.

Според истражувањето, невработените млади се во три категории - 8,3 отсто не се вклучени ниту во образованието ниту на пазарот на трудот, 13,5 отсто се нередовно вработени, 24,5 отсто се невработени. Трите групи заедно сочинуваат стапка на недоволна искористеност на трудот од 46,2 отсто.

Новковска рече дека податоците ќе им помогнат  на носителите на политиките за вработување добро да ги дефинираат профилите и кои од нив треба да бидат поддржани. Посочи дека техничките науки се поконкурентни  на пазарот на трудот, зашто младите со општествени науки подолго бараат работа.

Истражувањето е дел од глобалниот проект „Работа за младите“ на Меѓународната организација на трудот и Мастеркард фондацијата, кое се спроведува во 28 земји. 

Сара Елдер од МОТ изјави дека Македонија има силен образовен систем со позитивно влијание кај младите кои се поуспешни во наоѓањето работа ако степенот на едукација е повисок.

- Но останува проблемот со една третина од младите кои имаат основно или пониско образование, кои се заглавени во процесот на премин кон пазарот на трудот. Кај нив веројатноста за наоѓање работа е многу мала. Друг проблем е висока стапка на невработеност, меѓутоа тоа не е единствениот проблем, тука се и условите на вработување - младите често се вработуваат со привремени договори или се преквалификувани за работните места на кои се позиционирани. Така што, многу често може да се најде лице со универзитетско образование, а работи како продавач. Вторична последица е што ваквата преквалификуваност ги истиснува лицата кои имаат пониско образование, а кои подобро би одговарале за тоа работно место и ним им е потребно подолг период за да најдат работа, рече претставничката на МОТ Елдер.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека Владата на РМ спровдува мерки и активни политики за намалување на невработеноста и дека резултатите се едвидентни. Меѓу нив ги спомна можностите за самовработување, нивно финансирање, субвенционирање на вработувањето на младите, мерки за дополнителни обуки, како и практикантство кое овозможува побрз премин од образование во работа.

- Оваа година невработеноста во Македонија е на историско најниско ниво, под 30 отсто. Оттука и невработеноста на младите од 15 до 24 години континуирано се немалува и оваа година е најниска стапката. Во однос на 2005, кога била 66,3 проценти стапката на младите на таа возраст, од 2006-та до сега бележи пад за повеќе од 9 проценти. Ова истражување дава конкретни насоки кои ќе се имплементираат во наредните мерки за вработување на младите, рече Спасов.

ФОТО: МИА

најчитано сега