Станиќ си заминува од Металург

Голманот на Металург Дарко Станиќ најави дека со сигурност ќе си замине од клубот и покрај тоа што има уште две сезони од актуелниот договор, пренесува Дневник. Најдобриот голман во Лигата на шампиони едноставно изјави дека се си има свој почеток и крај и дека негов е изборот да му стави крај на ангажманот со Металурзите. Тој разговарал со спонзорот на клубот по што веќе било повеќе од јасно за прекинот на соработката и неговото заминување од Скопје. 

- Во мојата глава сум веќе заминат од Металург. Останува да се договориме за обештетувањето. Имам уште две сезони за играње, го засакав Балканот, но сега имам и други понуди, па неделава ќе решам каде ќе продолжам, вели Дарко Станиќ.

Висината за неговото обештетувањето за да биде слободен играч, по што ќе бара нов клуб ќе биде позната неделава.

- Она што најмногу ми пречи се нарушените меѓучовечки односи во клубот. Таа негативна енергија што постои ми пречи, без оглед дали некој ќе ме испочитува на некој друг начин. Мене ми треба тим, ова е сепак тимски спорт. Не може да зборуваме за ангажирање петмина млади играчи кои како да се најдобрите на светот. Не кријам дека има клубови што сакаат да ме видат во своите редови,  вели Станиќ.

Српскиот голман не вели дека гледа проблем да се пресели во Вардар Про.

- Не можам ништо да кажам освен дека повеќе од сигурно заминувам од Металург. Имам повеќе опции, но не гледам проблем да дојдам во Вардар, нормално ако ни се поклопат амбициите. Сметам дека тоа што се два ривалски клуба не би требало да биде пречка за можен трансфер, иако засега с` уште е далеку од нешто такво. Има повеќе понуди што ги разгледувам – вели Станиќ за Дневник.

најчитано сега