Тим на Владата на бизнис форум во Сао Паоло

Економски тим на Владата на Република Македонија предводен од премиерот Никола Груевски, заменикот на претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за привлекување на странски инвестиции Веле Самак и директорот на Агенцијата за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида, вчера присуствуваа и се обратија на бизнис форум во Сао Паоло на кој ги презентираа поволностите кои Република Македонија ги нуди на странските инвеститори.

Премиерот Груевски истакна дека Република Македонија со поволностите кои ги нуди на странските инвеститори може да преставува соодветна дестинација за бразилските компании кои имаат намера да реализираат бизниси на пазарот на Европа.

 - Иако сме земја со два милиони жители, ние го имаме надминато хендикепот на мал пазар, затоа што имаме потпишано договори за слободна трговија со сите земји од континентот Европа, и со Турција и со Украина, што значи дека производите кои ќе се произведат во нашата земја, и од домашните, но и од странските компании можат да се продаваат на европските пазари без никаква царина или дополнителни трошоци, што може да претставува сериозна можност за бразилските компании, истакна премиерот Груевски.

Г-дин Жоао Гилерме Сабино Омето, потпретседателот на Стопанската комора на Сао Паоло, која е најмоќна стопанска комора во Бразил, во своето обраќање изјави дека предностите кои ги нуди Република Македонија се позитивни и значајни и треба добро да бидат разгледани од бразилските компании, и дека тие како комора ќе лобираат кај нивните членки да ги проучат можностите кои им се нудат и да се осврнат на развој на бразилско - македонските односи. Тој истакна дека ваквиот тип на посети и презентации даваат можност за изворно запознавање со поволностите, а присуството на високи политички претставници дава охрабрување за деловните потфати.

Вицепремиерот Ставрески се осврна на даночните поволности кои постојат во нашата земја.

- Имаме најниски даноци во Европа, персоналниот данок од доход е 10% и е рамен данок, данокот на добивка е 10% и тоа само за оние компании кои ќе ја распределат добивката во дивиденда, оние кои ќе ја акумулираат не плаќаат данок на добивка. Имаме политика на ниски даноци и на намалување на придонесите со што се намалуваат трошоците за водење бизнис на компаниите и се зголемуваат шансите за профити, истакна Ставрески.

 

 

најчитано сега