Трибина на ВМРО-ДПМНЕ: Постигнавме одлични резултати во земјоделството

Земјоделството во изминатиот седумгодишен период направи напредок и доживеа преродба, за што говорат и резултатите. Направивме многу, но не се. Сега треба да влеземе во фаза на финиширање на сите активности што досега ги имавме во земјоделството се со цел за неколку години кога Република Македонија ќе влезе во ЕУ да бидеме подготвени.  

Ова го истакна заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски на денешната трибина организирана од ВМРО-ДПМНЕ, а на која заедно со науката, реалниот сектор, задругите и другите чинители разговараат како и каде се движи земјоделството во Македонија.

- Главен столб во програмата на нашата плитичка партија е решавање на проблемите во сите сектори, посебно во земјоделството. Пораката што ја испрати ВМРО-ДПМНЕ беше уште пред 6-7 години кога на првата владина седница донесе одлука за намалување на ДДВ од 18 на 5 отсто за вештачки ѓубрива и препрати што беше силна и јасна порака како ќе се движи политиката на нашата политичка партија кон земјоделството, истакна Коњановски, додавајќи дека денеска по седум години се собрани на форум за да разговараат за одредени проблеми, како и на кој начин со одредедени и дополнителни напори и реформи да се делува врз развојот на земјоделството.

Според него показателите во овој сектор се одлични. - Како и да ги анализираме бројките, посочи, навистина покажуваат дека имаме одличен успех. Ако 2006 стартувавме со 411 договори склучени со лица кои поседуваат право на земјоделско земјиште, денеска имаме повеќе од 7.600 такви договори и 50 илјади нови хектари. Ако 2006 имавме само околу 650-660 илјади хектолитри извоз на македонско вино, денес имаме комплетно поинаква слика. Лани имаме рекордни 1.150 илјади хектолитри извоз на македонско вино во европските земји и прекуокански. Ако имавме извоз на земјоделски производи од 242 милиони евра во 2006 сега имаме извоз од 500 милиони евра, потенцира заменик-министерот. 

Тој додаде дека нема да бидат задоволни со овие резултатите и оти можат и мораат повеќе да направат доколку сакаат напредок во земјоделството.

- Како партија, како што рече Коњановски, размислуваат сериозно и на среднорочно и долгогорочно ниво и оти со донесената петгодишната програма за финансиска поддршка обезбедени се дополнителни 750 милиони евра за македонското земјоделство, а се очекува да се објави и огласот за ИПАРД.

Според деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна Драги Димитриевски активностите што Владата ги презема во секторот земјоделство во изминатите 6-7 години ќе дадат резултати во наредниот период.  

- Она што Владата го има направено даде придонес во запирање на едни негативни тенденции, а во земјоделството нема брзи резултати и очекуваме дека она што се постави во изминатите шест-седум години ќе дадат една слика за едно ново модерно земјоделство во наредниот период , рече тој.

Претседателот на Југоисточниот плански регион и градоначалник на општина Василево Ванчо Стојанов потенцира дека Владата во изминатиот период вложила многу, но дека локалните самоуправи треба да обезбедат услови за земјоделците. - Преку она што го нуди Владата ни овозможи реализација на многу проекти, а ние како локални самоуправи треба да донесеме урбанистички планови за изградба на земјоделски капацитет кои ќе овозможат на земјоделците да ги пласираат своите производи,  како и нови вработувања, рече Стојанов, кој доаѓа од регион во кој 70 отсто од населението се занимава со земјоделство.

Златко Најдовски, генерален директор на „Бимилк“ потенцира дека резултатите од владините политики ги чувствува и реалниот сектор.

- Во млечната индустрија постои позитивен тренд и во однос на лани бележиме раст, рече Најдовски кој потенцира дека тие благодарение на субвенциите реализирале голем проект купувајќи јуници.

Позитивен тренд, како што рече Сашо Ристески од Македонската асоцијација на преработувачи постои и во овој сектор, кој во минатата година забележа рекордно ниво на извоз.

И Најдовски и Ристески сметаат дека покрај позитивните резултати има теми на кои се уште треба да се работи.

Најдовски потенцира дека како преработувачка индустрија која 80 отсто од производството го извезува треба да се работи на зголемување на нејзината конкуреност. Според него тоа е процес и не се решава во една календарска година.

Форумот се одржа во организација на ВМРО-ДПМНЕ.

најчитано сега