Самарас: Македонија да се согласи за едно име за сите употреби

Грчкиот премиер Андонис Самарас, во својот говор вчера на отворањето на 9-от конгрес на Неа демократија всушност ги потврди тезите на македонскиот премиер Никола Груевски искажани во интервјуто за „Дневник“.

Самарас во својот вчерашен опширен говор рече дека ако сака Скопје да влезе во ЕУ, тогаш Атина ќе му помогне, но „тие да се откажат од нивниот иредентизам и да се согласат за едно име за сите употреби“.

-Проблемите кои постојат во соседните земји треба комплетно да се решат. Да се решат, а не да се кријат под тепих. Сакаме да живееме во мир со нашите соседи, што значи, ако сака Скопје да влезе во Европа, ние ќе му помогнеме, но тие да се откажат од нивниот иредентизам и да се согласат за едно име за сите употреби, кое нема да го задира грчкиот карактер на грчката Македонија, изјави вчера Самарас .

Со ваквиот став, Самарас всушност ги потврдува ставовите на македонскиот премиер Никола Груевски.

-Не цела Македонија, туку цел свет знае зошто Македонија не влезе во НАТО и не доби датум за почеток на преговорите со ЕУ. Единствена причина е што не прифативме промена на идентитетот на Македонците и на името на државата, а и таа промена да е по мера, да не речам по избор на Грција, рече Груевски.

најчитано сега