Растот на БДП – сигнал за ставање крај на кризата!

Македонија во првите три месеци забележа економски раст од 3,2 процента. Оваа стапка е над европскиот просек, но е под домашните проекции кои изнесуваат 4 отсто. Резултатот од првиот квартал ги потврди стравувањата на бизнис – секторот дека политичката криза може негативно да се одрази на домашното стопанство. Засега последиците не се страшни, но испратена е последна опомена за ставање крај на политичката криза.

„Повеќе не сме сигурни дека ќе се остварат оние проекции од 4%, а кои беа високи и беа реални. Кризата трае подолг период и затоа сега сите сме резервирани во однос на прогнозите“ – изјави бизнисменот Сеад Кочан,   кој е и потпретседател на Сојузот на стопански комори.

Во првите три месеци најголем раст има во делот на стручните, научните и техничките дејности (9,9%), а солиден раст од 6,2% има кај финансиските дејности и осигурувањето. Слична позитива има кај трговијата на големо и мало, поправка на моторни возила, транспорт и складирање. Градежништвото, како една од гранките кои ангажираат голем број работници,  оствари раст од 3,1 процент.

Во периодот јануари – март извозот се зголемил за 8%, а увозот за 4,3%. Бруто – инвестициите бележат раст од 2,4%.

Македонија со највисок раст во регионот!

Македонија годинава ќе има највисок економски раст во регионот – нотираше Светска банка во својот последен извештај. Проекцијата за 2015-та на СБ за земјава изнесува 3,5% (многу блиску до остварувањето од првиот квартал), во 2016-та растот на БДП би изнесувал 3,8%, а 4% во 2017-та.

„Македонија покажа релативно подобри економски перформанси од соседите, благодарение на странските директни инвестиции и стимулациите од државата“ – стои во Извештајот.

Во однос на регионот, Црна Гора има проекција за раст од 3,4%, па следуваат Албанија, Косово и Турција со позитива од 3%. Хрватска и Србија се уште се движат околу нулата.

Економски раст од 3,5% до 3,8% на земјава и прогнонизраат и ЕК, ЕБОР и ММФ, но политичките случувања се влезени како ризик фактор во секоја прогноза за земјава.

Најоптимистичкото сценарио е се уште на Народната банка, потврдено и со последниот мајски извештај, за раст на домашната економија од 4,1% во 2015-та година и 4,5% во 2016-та година. Се очекува закрепнување на странската побарувачка, зголемена активност на постојните и отворање на нови извозно – ориентирани капацитети со странски капитал, продолжување на јавните инвестиции во патната инфраструктура. Но, Централната банка многу отворено кажува дека параметрите од ова сценарио можат да бидат нарушени од политичките турболенции.

„Ризиците околу остварувањето на ваквото макроекономско сценарио и натаму главно се од надворешна природа, а се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст (а особено растот во ЕУ) и движењата на цените на примарните производи на светските берзи. Надворешните ризици се сепак поурамнотежени во однос на октомвриската проекција. Од друга страна, основната априлска макроекономска проекција е проследена со ризици поврзани со домашни неекономски фактори (неизвесност околу политичките случувања), коишто може неповолно да се одразат врз домашната економија“ – стои во Извештајот на НБРМ.

Најсилниот удар се очекува во вториот квартал?

 Политичките тензии веќе имаат негативно влијание врз домашното стопанство. Во април извозот забележа пад од цели 24% во однос на истиот месец лани, а во првите четити месеци обемот на стоковна размена е намален за 13,1%. Податоците на Државниот завод за статистика го вклучија алармот, иако и претходно бизнисмените јавно укажуваа на негативните последици од политичката криза и на грчот во кој се наоѓа стопанството.

„Апелираме што поскоро да се најде решение на политичката криза, бидејќи се намалуваат нарачките однадвор, а дел од фирмите се соочуваат и со закана од банкрот“ – порача првиот човек на Раде Кончар, Аце Антевски.

Според дел од економистите, последиците од политичката криза ќе станат повидливи во вториот квартал од годинава.

„Одредена стапка на пораст ќе се случи и во вториот квартал, но во некој помал процент, како резултат на вкупните случувања во економијата и политичката ситуација. Тоа се забележува преку намалените движења во областа на индустриското производство и извозот како позначителни креатори на БДП. Позитивен тренд ќе има, но со некој пониска стапка“ – оценува универзитетскиот професор Томе Неновски.

Берзата во црвено – за 5 месеци пад од над 10%!

Ако се има предвид дека пазарот на капитал е многу осетлив на сите ризици и нестабилности, тогаш е јасно зошто Македонската берза праќа негативни сигнали. Во првите пет месеци од годинава вредноста на МБИ10 индексот е намалена за 10,45%.

mbi

Само во мај е намален прометот за нецели 27%, а пазарната капитализација за 6%. Ова се бројки доаѓаат пред летниот период, во кој стандардно се регистрира намален промет. Во ваква констелација е нереално да се очекува поместување во однос на странските инвеститори на Берзата, кои речиси и да ги нема на пазарот. Вкупно на куповната страна учествуваат со 13,3%, а на продажната со 20,4%. Само во последниот мецес, бројот на трансакции е намален за над 30%.

 

 

Оцени ја веста

13.06.2015 - 11:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега