На децата им треба насмевка и здрава навика
Тој е актер во театарот за деца и младинци. Авантурист е и многу ги сака децата. Ви го претставуваме Мартин Јорданоски и работата со која тој се занимава.
Кој, всушност, е Мартин Јорданоски? Накратко, со што поточно се занимавате?
ЈОРДАНОСКИ : Мартин е актер во театарот за деца и младинци веќе три години. Пред да се запишам на факултетот за драмски уметности го посетував пет години детското драмско студио и се надевав, односно потајно посакував да станам тоа што сум денес. Мојата постојана насмевка ја одржувам со колегите од матичниот театар и со прекрасната детска публика. Децата се навистина едно богатство кое треба да го воспитуваме и негуваме. Инаку сум авантурист, човек кој сака да се забавува, да се смее, да шета во природа, да си игра со кучиња. Ги сакам децата и сакам кога сум во нивно друштво. Тоа всушност и ни е заедничката точка на мене и Четко.
Го споменавте Четко. Изминатиов период Ве гледаме во негово друштво како еден од поновите детски ликови во јавноста, но и во друштво на многу дечиња на повеќе локации низ градов. Како дојде до вашата соработка и зошто се организираат овие дружења?
ЈОРДАНОСКИ : Дружбата со Четко Четковски, веселото зајче со голема четка за заби, започна сосема спонтано. Се сретнавме на една од моите претстави, бидејќи и Четко е миленик на детската публика, но и самиот тој е многу дружељубив. Откако започнавме поинтензивно да се дружиме најдовме уште една наша заедничка точка. И двајцата водиме голема грижа за нашето здравје, особено за здравјето на нашите заби. Свативме дека и јас и Четко користиме истата четка и паста за заби Лакалут.
Бидејќи здравјето на забите е основата на целокупното здравје особено кај децата, се договоривме да ја оствариме нашата заедничка мисија – да ја градиме здравата навика уште од најмала возраст, и преку игра и забава да ги учиме дечињата на се што е добро и се што е лошо по здравјето на забите. Нашата мисија прерасна во кампања која ја нарековме „Патот до здрави заби“.
Која е Вашата улога во кампањата „Патот до здрави заби“? Верувам дека работата со дечињата е она што и овде Ве привлекува. Но, што поконкретно, правите за време на дружењата?
ЈОРДАНОСКИ : Јас сум водител на настаните. На секој настан има различни игри. Мојата улога е да ги воведам дечињата во приказната, да им ги објаснам правилата на игра, а потоа преку игра и забава да научиме како правилно се мијат забите, колку пати во денот, кои оброци се добри, а кои штетни за забите, колку пати се оди на стоматолог итн. Нормално, на помалите секогаш им давам предност пред повозрасните дечиња, се возбудувам заедно со нив, навивам, и се радувам. Ги бодрам и им давам поддршка при нивните чекори на патот кон здрави заби.
Кои се сличностите и разликите меѓу работата во театар и овој тип на работа каде сте во директна, двонасочна, комуникација со дечињата?
ЈОРДАНОСКИ : Не ретко и во театар имаме директна комуникација со дечињата. Има претстави каде што децата се на некој начин директно вклучени во претставата. Најчесто тоа се прашања со кои тие му помагаат на главниот лик во претставата да ја оствари својата добронамерна цел. Сепак, разликата постои. На театарската сцена јас сум тој кој е „главен“, доминира мојата активност, а децата седат мирни во публика. Во активностите кои ги имаме со Четко главниактери во активностите се дечињата, а јас само им помагам. Тие се тие кои се доминираат и кои нестрпливо сакаат да ја завршат играта или зададената задача поврзана со здравјето на нивните запчиња.
Што најмногу Ве исполнува во работата? Кој сегмент Ви буди „позитивна трема“?
ЈОРДАНОСКИ : Што се однесува до театарот, најмногу ме исполнува тоа што секој ден е различен. Ме возбудува тоа што изведбата на секоја една претстава е различна. Ме исполнува и позитивната енергија и насмевката на задоволните деца за време на претставата и по неа. Што се однесува на кампањата и мојата модераторска улога, ме исполнува дражта со која децата ги играат игрите, нивната радост кога победуваат, како и среќата кога ја добиваат својата награда.
Каков ефект, односно, влијание има Вашата работа кај дечињата?
ЈОРДАНОСКИ : Се надевам дека ефектот е позитивен и само позитивен. Целта ни е преку игра и забава децата да научат нешто корисно. Имаше ситуација кога на два различни настани дојдоа неколку исти деца кои не можеле да додржат да седат дома. Сакаа да се дружат повторно со Четко. Супер ми беше дека ги имаа запомнето сите работи кои ги учевме претходно. Во театар пак, едвај чекаат да се сликаат со Могли. Тоа е посебно доживување за нив. Влезени се во светот на магијата и поради тоа ми е особено драго. Нема нешто поубаво од насмеано и среќно дете. Накратко, ефектот е квалитетно поминато време.
Како поддржувач на кампањата „Патот до здрави заби“ што би им порачале на родителите чии дечиња ги едуцирате и забавувате?
ЈОРДАНОСКИ : Стоматолог се посетува минимум два пати во годината, забите се мијат наутро, навечер и по секое јадење благи работи. Овошјето и зеленчукот се добри за забите и треба да се конзумираат почесто. Забите се мијат од горе надолу и обратно. Превенцијата е секогаш подобар начин, односно подобар избор. Затоа би им советувал на родителите континуирано да обрнуваат внимание на здравјето на забите на нивните деца и да им пренесуваат здрави навики.
Како Мартин ги негува своите заби? Откријте некоја „тајна“ за Вашите фанови?
ЈОРДАНОСКИ : Јас дома имам едно глувче кое секое утро и секоја вечер ми ги чисти запчињата. Се шегувам. Доколку редовно одите на стоматолог, нема да има потреба да се грижите дека вашите заби ќе се расипат. Штетните бактерии во усната празнина се создаваат на шест месеци. Секако изборот на квалитетен прибор за хигиена на забите игра голема улога. Нели, хигиената е пола здравје. Затоа внимавајте на изборот на четка соодветна на возраста, како и на изборот на паста за заби. И за крај ви порачувам секој ден четкајте и светкајте.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа