Песни, забава, дебати - отворен ден на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“
Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, денеска организира отворен ден. Посетителите ќе имаат можност непосредно во разговор со наставниот кадар и студентите да се запознаат со дејноста на најстарата високообразовна институција во нашата земја, нејзината долга традиција, мисија и визија.
Денот е наменет за средношколците од средните училишта во Република Македонија, но и убава можност за сите оние кои сакаат да дознаат нешто повеќе за програмите на постдипломските и докторските студии на Универзитетот.
Во изложбените простори се предвидени разновидни презентации на активностите и проектите на наставниците и студентите, изложба на богатата научна дејност на Универзитетот: монографии, учебници, преводи и научни списанија.
Централниот настан е предвиден на платото пред ректоратот, каде ќе бидат сместени штандовите на факултетите.
Во рамки на Денот на високото образование на УКИМ ќе се одржи јавна дебата „Овој дом (не) верува дека Болоњскиот систем донесе поголем квалитет во македонското образование“, на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Посетителите ќе можат да изработат тестови за професионална ориентација и кариерно советување „Дознајте која професија најдобро ви прилега“, а предвиден е и Концерт на студентите од Факултетот за музичка уметност во Скопје, на Пламенка Трајковска Квартетот, како и на групата „Суперхикс“.
МИА
ФОТО: Дневник