Дојран ќе блесне во полн сјај - започна туристичката сезона

Дојран го означи стартот на новата туристичка сезона. За добредојде на првите гости им го понудија Дојран Гурман фест, фестивал посветен на традиционалната дојранска кујна.

Единствената риба на трска, крап тава, дојрански лангиди од икра, крашник, тава со ориз, беа само дел од специјалите кои вредните домакини оваа година ги подготвија за нивните гости. Велат ова се рецепти стари колку и самото езеро и може да се вкусат единствено во Дојран.

„Годинава подготвив икра од риба. Ова е колку што постои езерото толку постои и овој рецепт. Од нашите предци и се пренесува од колено на колено“, рече Анита Тасева - учесник на манифестацијата, пренесе Курир.

„Ако сте дошле во Дојран, а не сте пробале риба на трска тоа ви е џабе“- истакна Киро Аргиров - учесник на манифестацијата.

„Се потсетуваме на нешто да не изумре и ги негуваме нашите традиции, нашите рецепти и да се промовира и Дојран“ - подвлече Танка Ајцева - учесник на манифестацијата.

За градоначалникот на Дојран Борче Стамов, оваа манифестација е одлична за промоција на богатата дојранска традиција преку која локалното население има можност да покаже дека езерото не е единствената причина поради која треба да се посети Дојран.

„Сметаме дека храната, дојранска кујна и се она што вклучува специјалитети од риби се една од најважните или една од причините поради која туристите доаѓаат во Дојран. Исто така преку овој фестивал и овој настан дополнително ги охрабруваме угостителските објекти да се вратат кон оние традиционални дојрански специјалитети , на еден практичен начин старите специјалитети се пренесуваат на помладите и на некој начин ги зачувуваме традиционалните дојрански специјалитети кои ги има многу и веруваме дека во иднина ќе бидат силен адут во привелкувањето на туристи во Дојран, вели Стамов.

За оваа сезона Дојран најавува најбогата културна и забавна програма која се подготвува за туристите. Програмата која симболично започна со Дојран Гурман фест, ќе трае до крајот на август и според најавите ќе понуди содржини за сите генерации и вкусови.

 

 

Оцени ја веста

08.06.2015 - 15:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега