Увозот на брашно двојно зголемен

Да се забрани увозот на брашно ако контролната маркича е постара од 30 дена и да се  субвенционираат производителите на пченица за предаден килограм кај лиценциран откупувач, предлага Групацијата на мелничко пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија за надминување на проблемите со кои се соочуваат нејзините членови. 

Како што беше речено денеска на прес-конференција во Комората, состојбата во мелничко пекарската индустрија е алармантна. Увозот на брашно бележи двојно зголемување, квалитетот на пченицата исто така претставува проблем, преработувачите работат со намален капацитет, а дел од нив веќе и ги затворија објектите. 

- Најголема опасност за македонските мелничари е нивната неконкурентност, односно неможноста да конкурираат со цените на брашното од увоз поради што директно се загрозени и земјоделците. Причина за тоа се непазарните цени на домашната пченица и нејзиниот квалитет, нагласи Васко Ристовски од Стопанската комора.

Според него, дополнителен проблем е и тоа што во одредени периоди од годината цената на увозната пченица многу се доближува до цената на увозното брашно. 

Групацијата на мелничарите бара, напомена Ристовски, да се спроведува и донесениот правилник за квалитет на брашното при увоз што подразбира да не се пушта увозно брашно во промет додека Агенцијата за храна не даде дозвола по добивање на анализите за квалитет. 

За да се задоволат потребите  од брашно,  на Македонија и се неопходни 13.563 тони месечно или преку 30 илјади тони пченица. Податоците од терен покажуваат дека 65 проценти од потребното брашно го произведуваат македонските мелници, а остатокот од 35 отсто се увезува, најмногу од соседството. Од вкупните количини пченица пак, околу 60 проценти е увозна.  

Оценка на Групацијата е дека досега преземените мерки  за надминување на состојбите во мелничко пекарската индустрија не го дадоа посакуваниот резултат.

- Со условениот увоз на брашно и пченица во соодносот 4:1 и 3:1 резултатот е скапо купена домашна пченица со низок квалитет и неревалоризирана со профит преку брашното. Тоа е последица од неодржување на времетрањето на условниот увоз со што на нашето скапо и неконкурентно брашно му конкурира евтиното од увоз. Со воведувањето на контролните маркичи не се контролира рокот од 30 дена од датумот на издавање при увоз на брашното, што значи дека ваквата заштитна мерка за мелничарите е беспредметна. Правилникот за квалитет и контрола на брашното пуштено во промет или од увоз не се спроведува односно увезното брашно се пушта во промет без да се провери во акредитирана лабораторија за квалитет, потенцира Ристовски. 

На прес-конференцијата во Стопанската комора беше промовирана и првата акредитирана лабораторија за испитување на квалитетот на пченицата и брашното. Оваа обврска согласно правилникот стапи на сила од 1 јануари годинава. 

 

 

Оцени ја веста

08.06.2015 - 12:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега