За два месеца извршени 1908 мамографски скрининзи, откриени два случаи на рак на дојка

За два месеци колку во Македонија се спроведува мамографскиот скрининг на дојка се извршени 1.908 скрининзи во 17 јавни здравствени установи. Притоа се детектирани два случаи на карцином на дојка и двете пациентки се упатени на хирургија.

Од извршените скрининзи, како што информира на денешната прес-кондеренција министерот за здравство Никола Тодоров, вкупно 1.523 пациентки се со уреден наод, без присутни знаци на карцином, додека вкупно 385 жени се упатени на понатамошни испитувања врз основа на детектиран знак за можно присуство на карцином. 

- Упатувањето на натамошни испитувања се прави врз основа на упатствата од медицина базирана на докази. Во зависност од наодот, 360 жени се упатени на ултразвучен преглед, 11 жени на тенко-иглена биопсија, 8 жени се упатени на повторна мамографија, четири на кор биопсија, а две жени се упатени на преглед кај торакален хирург, истакна Тодоров. Доаде дека во државите во ЕУ просекот на откриени случаи на рак е 1,5 – 2 случаи на 1.000 прегледи, а кај нас досега се откриени 2 случаи на 2.000 прегледи.

Појасни дека сите дополнителни испитувања кои се потребни ги закажува матичниот лекар во системот МојТермин.

- Матичните лекари имаат пристап до извештаите и резултатите од извршениот мамографски скрининг и врз основа на тоа вршат упатување на жената до конкретната специјалност каде треба да се извршат дополнителни испитувања. За таа цел, до сите матични лекари се дистрибуирани упатства за начинот на упатување на пациентките на понатамошно испитување, врз основа на добиениот наод од мамографскиот скрининг, истакна министерот за здравство. 

Најави дека во јули и август скринингот ќе стагнира делумно поради летните одмори на докторите и на пациентките, а воедно во овој период ќе се изврши калибрација на сите апарати за мамографија во државата. 

Првично со мамографскиот скрининг се опфатени жените на возраст од 50 години, навидум здрави жени кои, согласно податоците од системот МојТермин, не направиле мамографска контрола во последните две години. На овој начин, рече Тодоров, ќе бидат опфатени околу 14 илјади жени од оваа возрасна група.

- Предвидено е до крајот на 2016 година да се прошири опсегот, односно да се опфати возрасната група од 50-69 години и на мамографски скрининг да бидат поканети вкупно 250.000 жени, рече Тодоров.

Повикувањето за мамографски скрининг го вршат самите установи со телефонско јавување кај жените од конкретната возрасна група.

- Во претстојниот период планираме воспоставување практика на писмено известување со адресирана покана до секоја жена, врз основа на апликацијата за мамографски скрининг во рамки на системот МојТермин, рече министерот за здравство.

Секоја заинтересирана жена која спаѓа во оваа возрасна група може да се обрати до Министерството за здравство на телефонскиот број (02) 15 444 или на mail- адресата: mamografijaskrining@zdravstvo.gov.mk и да остави податоци за контакт.

Мамографскиот скрининг е една од најзначајните мерки за рано откривање рак на дојка, а со тоа и заштита на здравјето на женската популација, имајќи предвид дека тоа е најчестото малигно заболување кај жените. Моментно во тек е постапка за набавка на шест нови мамографи, наменети за Охрид, Кавадарци, Кочани, Прилеп, Штип и Хируршката клиника „Св.Наум Охридски“ – Скопје. Отварањето на понудите е закажано на 6 јули и се очекува до крајот на годината новите мамографи да бидат испорачани и ставени во функција.

 

 

Оцени ја веста

06.06.2015 - 15:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега