СДСМ: Застој во македонските евроинтеграциски процеси

Опозициската СДСМ оцени дека Република Македонија денеска го доживува најголемиот пораз и неуспех во евроинтеграциските процеси. Обвинува дека како резултат на политиките на Владата државата се наоѓа во „крајно неповолен и загрижувачки политички момент“.

Радмила Шеќеринска од СДСМ на прес-конференција рече дека Македонија не заслужува од лидер во Западниот Балкан во евроинтеграцииите да остане на крајот на процесот.

- На последниот самит на Европската унија, 90 месеци откако Македонија стана земја кандидат за членка на ЕУ, земјата не успеа да влезе во ниту еден документ, не е спомната во ниту еден заклучок. Не постоеше ниту една европска држава која што го отвори повторно прашањето за нашето членство во Европската унија, наведе Шеќеринска.

Изрази загриженост за, како што рече, застојот во македонските евроинтеграциски процеси, за што власта нудела само оправдувања и обвинувања.

Точно е дека политиката на Грција по прашањето на македонскиот евроинтеграциски пат и членство во Европската унија е неевропска и штетна. Но, таква е веќе дваесет години.Точно е дека меѓународната заедница покажува помала заинтересираност за македонските предизвици од порано. Но затоа, вистинското прашање е зошто ова се случува?, наведе Шеќеринска, прашувајќи кој ќе понесе одговорност.

најчитано сега