Зголемувањето на зафаќањата од ДДВ и персоналниот данок - приоритети на ЗЕЛС

Во наредниот период најголем предизвик и најголемо залагање на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа  - ЗЕЛС ќе биде зголемувањето на финансиската стабилност на општините во Република Македонија, односно зголемувањето на зафаќањата од ДДВ од минимум шест осто и од персонален данок на доход од најмалку 30 проценти.

Ова го истакна реизбраниот претседател на УО на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски на паузата на Генералното собрание на ЗЕЛС на кое за потпретседатели на УО беа избрани кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски и градоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта.

- Ова барање не е од сега и датира уште од 2005 година.  Процентот на издвојување на ДДВ беше 3 отсто, сега е 4,5 отсто, а се надеваме дека многу брзо ќе биде 6 проценти. Сметаме дека и тој процент нема да ги задоволи нашите потреби и програмски задачи. Затоа останува и заложбата 30 отсто од персоналниот данок на доход да биде приход на општините во Македонија. Ќе останеме цврсто на тој став и ќе продолжиме со нашите лобирања, рече Трајновски и нагласи дека поврзано со овие две барања е и капиталните инвестиции да се префрлат од надлежност на Владата во надлежност на општините.

- ЗЕЛС се повеќе станува ИТ центар за општините во Македонија, бидејќи сметаме  дека на тој начин ќе бидеме посигурни, поефикасни и поекономични. Со еден збор секоја општина не ќе мора да прави сопствен софтвер, туку тој ќе биде правен во ЗЕЛС, а сите општини ќе имаат можност да го користат и побрзо да ги извршуваат услугите, рече Трајановски.

- Еден од приоритетите треба да биде и областа на урбанизмот и локалниот економски развој. Знаејќи го сегашниот систем на финансирање, ориентирани сме кон привлекување на што поголем број на инвестиции во општините и  создавање што подобра клима за инвестирање во нив, рече Трајновски.

Поптретседателот Дамјановски посочи дека ќе се заложи за имплементација на Законот за рамномерен регионален развој и за целосна децентрализација.

- Законот за рамномерен регионален развој иако е шест години во функција во пракса не се спроведува. Ќе побараме и промени на законите за јавен долг, образование и полиција, односно општините да бидат одговорни за капиталните инвестиции во образованието и командирите на полицијата да се бираат на локално ниво, рече Дамјановски.

 

најчитано сега