Иванов: Дијалогот е единствениот начин да се дојде до решение

 Претседателот на Република Македонија побара сите учесници во политичкиот дијалог да се однесуваат разумно и низ посветен и доследен пристап кон дијалогот да дојдат до враќање на политичката стабилност во Македонија. Дијалогот, посочува Иванов во денешната пишана изјава, е единствениот начин да се дојде до таквото решение.

Ја поздравувам покажаната свест и волја од политичките лидери за надминување на отворените прашања. За поздравување е фактот што во изминатиот период лидерите на политичките партии меѓусебно разговараат и бараат начини за надминување на актуелната политичка состојба во Република Македонија. Постои оптимизам за надминување на актуелната политичка криза во Македонија. Ги повикувам сите учесници во политичкиот дијалог во следниот период да се однесуваат разумно и одговорно. Очекувам од нив посветен, одговорен и доследен пристап кон дијалогот за да се врати политичката стабилност во Република Македонија, вели Иванов во изјавата.

Граѓаните на Република Македонија, додава претседателот, очекуваат политичка зрелост и подготвеност за институционално решавање на сите предизвици, согласно Уставот и законите на Република Македонија.

- Граѓаните очекуваат резултати и одржливи решенија. Тоа го очекувам и јас. Сите треба да постапуваат исклучиво во интерес на граѓаните и на државата, Република Македонија, вели Иванов.

Според него, вклученоста на Европската унија во овие разговори недвосмислено покажува дека европската и евроатланската агенда на Република Македонија е главен приоритет во државата, кој, како што вели, ги обврзува политичките лидери да работат за достигнување на европските критериуми, стандарди и принципи. Граѓаните на Република Македонија, додава претседателот Иванов, го очекуваат тоа од лидерите на политичките партии

 

 

Оцени ја веста

03.06.2015 - 14:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега