Захариев: За 86 дена завршивме многу важни проекти за штипјани
Мојата изборна програма е обемна и има повеќе од 125 проекти, но во програмата не ставивме многу проекти кои сега веќе ги реализиравме. Со денешниот ден јас сум 86 дена градоначалник на Штип. За овие 86 дена завршивме многу важни проекти за штипјани. Важно е да истакнам дека во секоја урбана заедница каде ни дадоа по 5 приоритети за сто дена ќе ги завршиме скоро сите. Најнапред, за овие 86 дена направивме многу важни патишта и комуникации, а го звршуваме и патот од 20 километри кон Мантово, со што се поврзуваат општините Штип и Конче, а истовремено со тоа, Штип добива едно рекреативно езеро кое се наоѓа на само 25 километри од градот, односно Мантово се наоѓа на дел на Штипска територија.
Го реконструиравме патот Три чешми - Аеродром Сушево, го уредивме како пешачка зона, ставивме многу клупи и направивме дрворед од над 330 дрвја. Асфалтиравме две многу важни улици во Штип. Тоа се улица Браќа Миладиновци, а ја завршивме и улицата Генерал Михајло Апостолски, а за 10-тина дена треба да ја завршиме една од улиците кои ги поврзува нашиот рекреативен дел кој се вика Сутлак од двете страни, од населбата Десници и од Бриони.
Секако дека водата и водоснабдувањето е многу важен дел од мојата изборна програма. За населбата стар Караорман веќе е завршен водоводот и после 70 години оваа населба добива чиста и здрава вода за пиење, иста како што пијат штипјани. Ја завршивме канализацијата во село Чардаклија, а деновиве работиме и на канализацијата во населбата Балканска, со што овие две населби ќе бидат поврзани со колекторот на Општина Штип.
Сакам да нагласам дека инвестициите во спортот се големи. За овие 80 дена завршивме 7 спортски игралишта. Го работиме комплексот игралишта во Автокоманда, притоа го уредуваме и како парк, каде ќе има содржини за забава на децата, пензионерите, а пред се спортистите. Такви игралишта направивме во населбата Дузлак и населбата Железничка.
Направивме исто така едно рекреативно езеро кое се наоѓа на само 3-4 километри од Штип кај населбата Три Чешми. Тоа езеро ќе го користат и жителите од Три Чешми, но и штипјани со одредени содржини за одмор и рекреација.
Ги завршивме проектите предвидени за сите села. Во Судик направивме плоштад со чешма и сега се гради водоводот. Во село Сарчиево исто така ја направивме чешмата и наскоро треба да го завршиме асфалтирањето на патот.
Да кажам дека во село Драгоево е направен селски плоштад со површина од 300 метри квадратни, со чешми за водоснабдување и содржини за рекреација, клупи и пропратна опрема. Во село Селце се завршени 4 чешми и водопоила за добитокот.
Во село Горачино кое што беше долго време заборавено, луѓето се враќаат пред се поради завршените проекти, 4 селски чешми, а овозможено е да има улично осветлување и наскоро ќе почне патот од 20 километри до ова село. Во Лакавица е направена автобуска постројка, а во истото село, кое беше зафатено од поплави во месец март при што беа оштетени мостови кон селата Суво Грло и Пухче, се зафативме и направивме неколку нови мостови и е воспоставена комуникација кон овие села.
Започната е реконструкција на зградите во центарот на Штип и веќе околу плоштадот се обновени фасадите на зградите, а ќе продолжиме кон улицата Ванчо Прке. Започнавме со проектот “Отиња“ и веќе се уредува речното корито. Во прва фаза ќе уредиме 200 метри меѓу Камениот мост и мостот кај Стопанска Банка. Што е многу важно наскоро штипјани ќе имаат нова сала за венчавање во која инвестираме околу 30 милиони евра, донации од бизнис заедницата.
Да напоменам дека во населба Баби отворивме пензионерски дом, го поврзавме долниот дел од населбата со горниот дел од населбата со пешачка патека и на некој начин во сите населби имаме започнато проекти кои треба да бидат реализирани во наредниот период.
Од понеделник ќе почнеме со реконструкција на училиштето во населбата Македонка, верувам дека тоа ќе биде завршено до 1ви септември. Тоа е проект кој го работиме со министерството за образование. Наскоро ни започнува и “Штипско културно лето”. Верувам дека од содржините кои ги направивме за ова лето сите ќе бидат задоволни, а што е уште позначајно, се она што се прави во делот на инфраструктурното живеење на штипјани, мислам дека штипјани веќе го чувствуваат и дава одлични резултати.
Битно е да се нагласи и тоа дека програмата се реализира со забрзана диманика, користиме нормално сопствени ресурси, но она што е позначајно направивме администрацијата да може да биде во функција на реализација на овие проекти. Во Општина Штип ќе се работи ефикасно, ќе се работи скромно, штедливо и што е многу важно на крајот резултатите да бидат видливи и штипјани на некој начин да го вратат задоволството што живеат во својот град. Како што реков сите патишта во наредниот период ќе водат во Штип, бидејќи нашите амбиции се навистина големи и верувам дека реализацијата на тие проекти ќе биде комплетно и навремено завршена.
(Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Илчо Захариев, Градоначалник на Општина Штип)