Најден за момент затворил очи и престанал да диши - еве што раскажуваат растревожените лекари

Малиот Најден, во текот на вчерашната операција на Kлиниката за уво нос и грло, на секунда ги затворил очите и го загубил здивот, раскажуваат растреперените лекари кои биле дел од операцијата, пренесува весникот Дневник.

- Го изгубивме! – помислив. Детето помодре, ние сите над него без здив бдеевме, но тој одеднаш силно ги отвори своите очиња: Еве сум, сакам да живеам !- како да рече. Му се врати бојата на лицето, а ние успеавме да завршиме една многу тешка и сложена операција – трахеотомија. Најден е чудо од дете, како лекар не можам да поверувам во неговата волја за живот, каков борец е тој, тоа дете е посебно, неверојатно храбро. Иако има само неколку месеци, ја издржa болката. Пред да го сретнам навистина не можев да разберам зошто толку многу јавноста сака да знае за ова дете, сега знам, Најден е чудо од дете, изјавил дирекоторот на Клиниката за уво нос и грло Никола Николовски за Дневник.

Директорот на Клиниката објаснил дека операцијата на малиот Најден била направена во речиси последен момент.

- Поради отсечениот јазик, ткивата околу него по природен пат почнале да се регенерираат, но, за жал, во случајот на Најден тоа не било на позитивен начин, туку тоа ќе го убиело. Работата тргнала на лошо. Ткивото почнало да го заробува неговото грло. Направивме исклучително тежок зафат. Сега Најден е стабилен, има можност самостојно да дише, а многу скоро ќе почне да се храни со цевче од стомак. Најден пред себе има уште зафати, но пресадувањето јазик ќе биде една од најсложените. Досега во светот на само две деца им била правена таква операција. Во контакт сме со врвни лекари од Лондон, Америка и Дубаи. Сите се заинтересирани за случајот на Најден. Сите толку многу сакаат Најден да успее, дури лекарите од Дубаи ни понудија тоа да го направат бесплатно. Овој тип операции се речиси експериментални, оти многу ретко се случува дете да остане без јазик, објаснил Николовски за весникот.

Најден уште неколку дена ќе биде на Kлиниката за интензивна нега а потоа се очекува да биде префрлен во неговата соба.

Директорката на детската клиника Аспазија Софијанова за Дневник информира дека тим од лекари и медицински сестри будно ја следат состојбата на Најден.

- Ако кажам дека треперев за време на операцијата како за син што сум го родила, не знам дали некој ќе ми верува. Најден едноставно н` освои, правиме с` што може тој да се извлече. Операцијата помина добро. Сега комплетно го средиве дишењето, да го средиме и голтањето и Најден ќе може малку да се одмори од лекари и од болници, изјавила Софијанова за Дневник.

Извор: Дневник