Експертите и граѓаните согласни: Ставовите на Заев тешка политичка грешка штетна за државата

Тешка политичка грешка, која е штетна за државата и нејзиниот развој, но и штетна за политичката кариера на опозицискиот лидер Зоран Заев.

Вака јавноста и експертите ги оценуваат ставовите на Заев дадени за косовската телевизија РТК во емисијата „Јета не Косове“, каде отворено зборува и дава идеи и ставови за федерализација на земјата и за откажување од идентитетските позиции на Македонците во разговорите со Грција, пишува Курир.

Експертите сметаат дека ваквото одење на Заев спротивно на интересите на Македонија и Македонците, освен тоа што го покажува политичкиот очај и бесперспективност на Заев и СДСМ, неминовно ќе придонесе за губење на политички поени на СДСМ во гласачкото тело, дури и помеѓу социјалдемократите кои не се согласуваат со оваа позиција на Заев.

Тој во интервјуто за косовската телевизија истакна дека треба да се оди подлабоко во Охридскиот договор, што практично би значело вовед во федерализација каде по етничка основа би се протежирало бинационална држава.

-Јас се плашам затоа што многу граѓани се уште зборуваат за Охрискиот Рамковен договор, ние мора да зборуваме за нашите заеднички проблеми, да одиме понатаму од Охридскиот договор, затоа што сега е време и сме подготвени да бидеме еднакви и да зборуваме за заеднички цели, затоа што тоа ќе се исполни како политичко барање на албанската заедница, вели Заев.

Лидерот на СДСМ додава дека сите мора да имаат еднакви права и потенцира за  „неискрено однесување на оваа Влада и претходните Влади во однос на исполнувањето на Охридскиот рамковен договор“.

- За мојата партија со нашата програма ние мора да го смениме тоа. Како ќе изгледа, како ли ќе изгледа промената во иднина. Во нашата земја е една држава со две општества, на Македонците и на Албанците. Ние треба да изградиме една држава со едно општество, вели Заев. 

Граѓаните со остра осуда за ставовите на Заев

Ваквите ставови на Заев наидоа на остра осуда кај граѓаните, кои сметаат дека истите се против интересите на македонската држава.

-Јас мислам дека неговата изјава дека треба да се даде нешто повеќе од Рамковниот договор не е во ред, Не треба да се отстапува ништо повеќе, вели  еден од анкетираните граѓани. 

-Тоа е срамно за еден политичар да бара откажување од идентитетот на македонскиот народ, додава друг.

-Ставовите на Заев ги оценувам како човек без кичма што се витка пред се што ќе му се каже. Значи не се согласувам со тоа, тој ја продлабочува се повеќе кризата, така што се што е наметнато нели, не е добро, иако се согласувам дека треба да има соживот со Албанците тука кај нас, но политиката на Заев само повеќе ја продлабочува кризата. Сметам дека тоа е против интересите на Македонија, посочи еден од анкетираните граѓани.

Експертите децидни- предлогот на Заев е опасен

Експертите се согласни дека ова е опасен предлог и тоа практично е уште едно рекомпонирање на државата кое не е од интерес никому.

-Вистински наплив од крајно неодговорни и политички проблематични изјави преживеавме последниве неколку месеци од лидерот на СДСМ и неговата заменичка. Први на сцена беа „бисерите“ на Шекеринска за алџезеирскиот етер, а последни „црните бисери“ на лидерот на СДСМ на косовската телевизија. Иако во политичката практика постои принцип според кој секое партиско раководство треба да има засилена политичка одговорност за секој кажан збор, или преземено политичко дејствие, кај нас, кога се работи за раководството на опозицијата таков принцип не важи и не постои. Напротив. Изјавите, но и дејствијата кои ги преземаат челните луѓе на СДСМ се во директна спротивност со Уставот, со темелните вредности на уставниот поредок, и со македонските државни интереси. Очигледно е дека во Република Македонија некои политички и новинарски структури сериозно работат да се поткопаат темелите и вредностите на македонската држава. Алармот е одамна вклучен. Потребни се итни и разумни акции кои ќе ја спречат оваа веќе видена и позната фурија чија што основна цел на делување е да ги внесе автентичните македонски интереси и вредности во вистински ќорсокак, смета универзитетската професорка Тања Каракамишева- Јовановска.

Таа додава дека е потребно итно граѓанско спротивставување, но и судско делување со цел да се пресретне  големата политичка трговија со македонските уставни и идентитетски прашања за тесно партиски интереси.

-Потребно е итно системско делување и превенција од сé поочигледната стратегија за раскрчмување и докусурување на македонските вредности на т.н. „опозициски отворен пазар на идеи“. Никој нема право да тргува со нашата држава, додава професорката.

Заев од Косово исто така порача и дека е спремен на големи отстапки и за името, внесувајќи го мултикултурализмот во преговорите за името. Тој смета дека не е битно што ќе пишува во ОН како ознака за идентитетот, што практично значи откажување од “мacedonian“.

-Нашите црвени линии се да не дозволиме да ни ги допрат нашите особености како нација, држава, заедно со нашата посебност во однос на културата, мултиетничките разлики, вели Заев во интервјуто за косовската телевизија.

Од друга страна, Владата бара гаранции за идентитетот “мacedonian“ од ОН, а ваквите ставови на Заев коментираат експертите се удар во грб од заев кон Република Македонија.

Додворувањето на Заев кон Албанците и Грците не е нешто ново, но е непотребно, велат експертите и додаваат дека тој дефинитивно губи со ваквите потези. Тие сметаат дека лидерот на СДСМ при очајното додворување на Албанците, а во потрага по политички поени, најверојатно е подготвен на сè.

- За сите нас кои ја следиме македонската политичка сцена, апсолутно веќе ништо не`не изненадува од Заев. Не ме ни изненадува ни што соросовите платеници и понатаму даваат поддршка на глупостите што Заев ги кажува, затоа што тие се платени за тоа. Мене ме изненадува моментот што сепак во СДСМ постојат и нормални луѓе од сите националности, и запрепастува податокот што тие луѓе и понатаму му даваат поддршка на тој човек. Запрепастува податокот што и понатаму се обидуваат да ги оправдаат сите негови искажани глупости, на дополнителни прес-конференции. И тоа е пракса на која веќе се навикнати, но мислам дека Заев ja премина црвената линија и колку и да е длабока јамата којашто ја копаше за некои други, сега тој е толку длабоко паднат во неа и како најбеден очајник се обидува ставајќи ги сега и Албанците во целиот овој циркус којшто го направи, да успее ако може преку нив да добие политички поени, затоа што одамна веќе кај Македонците е прочитан и нема никаква поддршка кај македонските гласачи, вели аналитичарот Александар Пандов.

Крајната цел на преку ваквите изјави на лидерот на опозицијата, како што посочи Пандов, е отворање на нова меѓунационална тензија, пишува КУРИР.

- Неговите ставови не само што се антимакедонски, тие се антинационални, тоа се ставови коишто во овој момент тој ги исфрла со надеж дека не само што ќе добие некоја поддршка од албанскиот електорат, туку и дека ќе пробуди кај нив некои нови барања коишто ги немаме слушнато од нив и со кои што ќе се отвори некоја нова меѓунационална тензија. Тоа е крајната цел којашто Заев сака да ја постигне. Тој сака да отвори македонско-албанско политичко недоразбирање околу, пак ќе нагласам, некои барања што ги немаат ни самите Албанци, ниту очекувања дека децата во Делчево и во Берово ќе учат албански јазик од градинка, додава Пандов.

Јавноста памети како Заев со знакот на УЧК, во денот кога Македонија жалеше се сликаше во Дивата населба, а на митингот во Скопје имаше за декор знамиња на Голема Албанија. Заев ќе остане запаметен и по молбите и понизните СМС пораки за соработка со лидерот на ДПА Мендух Тачи, како и по изјавата дека треба да “свиткаме кичма“ пред Грците во разговорите за името.

 

 

Оцени ја веста

27.05.2015 - 15:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега