Усвоен буџетот на ЕУ за периодот од 2014-2020

Денеска Европските лидери го усвоија долгорочниот буџет на ЕУ за периодот 2014 2020 година. 

- Европскиот совет постигна согласност во однос на буџетот, изјави претседателот на ЕУ Херман ван Ромпуј на прес-конференција по првиот ден од средбата на лидерите на 27-те членки на Унијата.

Ромпуј истакна дека конечната одлука за буџетот треба да ја донесе Европскот парламент. 

Вчера првите луѓе на трите институции на ЕУ, Европската комисија, Советот и ЕП ја објавија спогодбата за буџетот, вреден 960 милијарди евра за периодот 2014-2020 година. Оваа политичка спогодба требаше едногласно да биде одобрена од сите земји-членки, што се случи синоќа, а потоа да биде усвоена со квалификувано мнозинство од 754 пратеници во ЕП. 

Лидерите на 27-те членки усвоија и план, вреден осум милијарди евра за борба против невработеноста меѓу младите. Оваа „Иницијатива за младите“ ги засега областите со најголемата невработеност меѓу младите во 13 земји, а според европски дипломат главните бенефиции од оваа иницијатива се очекува да ги добијат Шпанија, Грција, Италија и Франција. 

Државните и владините лидери исто така се согласија да го подобрат финансирањето на малите и средни претпријатија преку ЕК и Европската инвестициска банка. 

Според претседателот на ЕК, Жозе Мануел Барозо усвоениот „Европски инвестициски пакет“ ќе овозможи обезбедување на евтини кредити за милиони мали и средни фирми, кои како што рече се основата на европската економија.

најчитано сега