Виолета Ачкоска: Сеништата од Балканските војни се сѐ уште живи!

 Универзитетската професорка и одличен познавач на современата, пред се балканска истоорија, Виолета Ачкоска, смета дека Македонија се наоѓа повторно пред историски предизвик за опстој на сопствената државност, а преку тоа и за идентитетскиот и националниот опстој на Македонскиот народ. Ачкоска во интервјуто за Прес24, тоа сликовито го опишува со се уште присутниот дух на сеништата од балканските војни.

 - Секој чекор напред постојано ни е попречуван, од надворешни или внатрешни сили. Особено клучна фаза е „виткањето на кичмата“, односно промената на името, по што ќе следи промена на идентитетот, па на историјата, јазикот и на крајот без сето тоа, вие немате историски легитимитет  и право на државотворност над територијата на која живеете. Таа не ви припаѓа вам, бидејќи  немате корени (име, историја, јазик), па можете да бидете безимени раселени лица од нечија друга историја и легитимитет, вели универзитетската професорка, Виолета Ачкоска, еден од иницијаторите на Граѓанското движење за одбрана на Македонија.

Ачкоска вели дека главната дестабилзиација на Македонија с еправи од надвор со помош на внатрешните одработувачи и затоа предупредува дека решението кои може да се случи какорезултат на договор под патринат на меѓународната заедница, може да биде на штета на националните интерси на Македонија.

- Македонија секогаш била губитник кога работите се решавале од други, на зелена маса. Во овој момент сме жртва на деструкцијата на една врхушка во опозицијата која систематски одработува за интересите на соседите и им дава аргументи за тоа дека Македонија не треба да опстои како држава и создава клима за „конечно“ решение на македонското прашање, вели Ачкоска во интервјуто за Прес24.

Според нејзе составен дел на оваа пропаганда е и говорот на омраз, кој како што вели таа го шират токму оние кои постојано зборуваат за тоа.

- Говорт на омраза е дел од специјалната војна која се води со години во РМ и која е насочена кон разбивање на националното единство и граѓанската компактност, барем во однос на главните потреби на државата: нејзината целост,  безбедност, мир и просперитет.Секое рушење на легално избраното мнозинство со вонинституцио­нални  акции од страна  на парламентарното малцинство релано може да доведе до целосна дестабилизација на државата. Такви примери видовме многу во последниве неколку години, вели Универзитетската професорка по историја, Виолета Ачкоска во интервјуто за Прес24.

 

ПРЕС24: Професорке повеќе од три месеци Македонија се наоѓа во една исклучително напната ситуација. Политичката криза се заканува да премине во пошироки размери. Можна ли е подлабока дестабилизација на државата?

АЧКОСКА: Политичката криза во Република Македонија трае многу подолго.  Неколкуте предвремени избори на кои СДСМ и нејзините партнери беа катастрофално поразени и бојкотот на Парламентот од страна на истите, се главните генератори  на политичката криза. За нормално функционирање на една парламентарна демократија, за напредок на државата и за реализација на нејзините стратешки цели  потребна е координација на сите организирани политички сили, потребна е посветеност и работа пропишана со Уставот и законите. Бојкотот претставува деструкција и разорување на демократските институции, а со тоа директно нанесување огромна штета на сосптвената држава. Секое рушење на легално избраното мнозинство со вонинституцио­нални  акции од страна  на парламентарното малцинство релано може да доведе до целосна дестабилизација на државата. Такви примери видовме многу во последниве неколку години.

ПРЕС24:  Вие и уште неколкумина интелектуалци го формиравте Граѓанското движење за одбрана на Македонија. Уште на почетокот се најдовте на удар дека сте продолжена рака на власта. Честопати од опозицијата беа упатувани и серија навредувачки критики кон ова движење. Како ги коментирате ваквите состојби?

АЧКОСКА: Во  Граѓанското движење за одбрана на Македонија стапив како историчар кој ја проучува современата македонска историја, соочена со фактите дека цели 25 години се наоѓаме во еден замаен круг. Секој чекор напред постојано ни е попречуван, од надворешни или внатрешни сили. Особено клучна фаза е „виткањето на кичмата“, односно промената на името, по што ќе следи промена на идентитетот, па на историјата, јазикот и на крајот без сето тоа, вие немате историски легитимитет  и право на државотворност над територијата на која живеете. Таа не ви припаѓа вам, бидејќи  немате корени (име, историја, јазик), па можете да бидете безимени раселени лица од нечија друга историја и легитимитет. Свесна за долгорочните интереси на големите сили на Балканот, од крајот на 19 век до денес и особено за интересите на соседите кон Македонија чии карти на надворешно-политичките стратегиски цели, една врз друга, се поклопуваат на терито­ријата на денешна Република Македонија, се најдов во ситуација да сфатам дека внатрешната дестабилизација е поврзана со надворешни сценарија и дека е загрозено опстојувањето на нашата држава. За жал ГДОМ се најде на линијата на огнот на соросоидните портали. Доживеавме серија навреди и дисквалификации. Јас лично се воздржав да одговорам на таквите испади на луѓе со недостаток на воспитание, бидејќи не сакав да ги трошам силите за нешто кое не вреди да се коментира. Многу е поважна нашата мисија - дека во овие моменти Република Македонија треба да преживее заради нашите потомци и дека граѓаните правилно ќе го сфатат овој тежок и пресуден историски момент. 

ПРЕС24:  Она што во Македонија станува се поизразено е поделеноста на граѓаните. Од каде извира енергијата за максимата “ако не си со нас, тогаш си против нас”?

АЧКОСКА: Долго е историкото паметење на македонските делби, предавства и себуништување чие семе секогаш било сеено од надворешни пропаганди или надворешни сили кои за евтини пари купувале „јаничари“ што ќе им служат ним, а не на сопствениот народ. Исто така, кај нас се мошне куси годините на надминување на догматизираната свест, градењето на толеранцијата и почиту­вањето на ставот на другиот, ако сакате во крајна линија градењето на демократската свест и на демократските институции. Она кое секогаш го повторувам е дека на светот има две раси и две  идеологии – луѓе и нелуѓе и дека најважно е да научиме да го почитуваме човекот.

ПРЕС24:  Професорке Кој го распалува говорот на омраза во државата?

АЧКОСКА: Говорт на омраза е дел од специјалната војна која се води со години во РМ и која е насочена кон разбивање на националното единство и граѓанската компактност, барем во однос на главните потреби на државата: нејзината целост,  безбедност, мир и просперитет. Многу од медиумите со нивните дебатни емисии (ги гледаме на Телма и 24 Вести), сеат говор на омраза,  некои од говорниците (дури и наводни професори) на „киевскиот циркус“ со увозни скапи шатори пред владата на РМ, поединци кои просто како гладни волци во глутници го чекаат пленот – освојувањето на власта со насилство и со нанесување огромна штета на иднината на сопствениот народ, пишувани медиуми кои се паднати на дното на културата на комуникација. За сите нивни испади Хелсиншкиот комитет и слични такви „невладини организации“ трабанти на глобализацијата, се глуви и слепи и насекаде по сто пати низ светот трубат дека наводно овде е диктатура, дека нема слобода на медиуми и многу други невистини и небулози. А истите тие секој ден сеат навреди, закани и се исмеваат со мнозинството од граѓаните на РМ.

ПРЕС24:  Изминативе две недели се прави обид за воспоставување на политички дијалог меѓу најрелевантните политички актери. Како ја гледате иднината на тој дијалог?

АЧКОСКА: За дијалог се потребни двајца. Тука се наоѓаме во ситуација во која  е организрана една добро изрежирана претстава во која треба да се одигра уште потрагичен крај за државата од она кое се случи во 2001 година. Но и сега доколку опстоиме раните треба  долго да ги залечуваме, особено на економски план. Инаку  се залагам за правна разврска на целата состојба, без исклучок. Да се утврдат сите докази и секој да одговара за стореното според законите на РМ.

ПРЕС24:  Во центарот на тој возобновен дијалог” повторно е меѓународната заедница. Што е она што и недостига на Македонија за да не може политиката да функционира без енергијата на странците?

АЧКОСКА: Самото вмешување на надворешниот фактор за мене е на штета на нашите национални интереси. Македонија секогаш била губитник кога работите се решавале од други, на зелена маса. Во овој момент сме жртва на деструкцијата на една врхушка во опозицијата која систематски одработува за интересите на соседите и им дава аргументи за тоа дека Македонија не треба да опстои како држава и создава клима за „конечно“ решение на македонското прашање. Но она кое е факт во светката политика е тоа дека во многу од државите големите создаваат пожар, а потоа го гаст според своите потреби.

ПРЕС24:  Има неколку тези за она што се случува во државата, особено по настаните во Куманово. Која е според вас најлогична теза, дека станува збор за недостаток на демократски капацитети за практикување власт во државата, дека станува збор за опозициско дестабилизирачко сценарио или дека она што во Македонија сега се случува е резултат на тивка пресметка меѓу Западот и Русија?

АЧКОСКА: Јавно беше кажано дека Република Македонија е на линијата на огнот во новата студеновоена клима во Европа и светот. Сепак, сето ова е организрано преку внатрешни сили кои треба да ја дестабилизираат одвнатре државата, таа да биде на колена за  да исполнува без поговор нечии надворешни диктати. Немањето доволно свест кај многумина од денешните политичари за важноста на интересите на државата над личните и/или теснопартиските интереси е исто така една од причините за ранливоста на нашата млада држава.

 

ПРЕС24:  Она што е интересно за анализа, а некако не беше баш многу застапено во медиумите е моментот по настаните во Куманово кога и Србија, но и Бугарија најавија засилено воено присуство на нивните граници со Македонија. Како го коментирате тој момент?

АЧКОСКА: Тоа значи дека аветите од периодот на Балканските војни  се се уште живи и дека треба само мала искра за нов балкански оган. Токму тоа е и еден од моите мотиви за организирање на ГДОМ.  Да не дозволиме повторно да завладеат тие грозни сеништа и трауми од нашето минато.

ПРЕС24:  Професорке она што се случи во Македонија со т.н. бомби на опозицијата во основа повторно се појавуваат структури на тајните служби. Ова впрочем е втор пат преку злоупотреба на такви структури да се остваруваат политички цели. Дали реалноста во Mакедонија е дека ние веројатно никогаш нема да можеме да расчистиме со тие структури?

АЧКОСКА: Таквите структури ги има во сите земји. Па ни една личност како госпоѓа Меркел не беше поштедена од „обработка“ на тие служби. Сепак, ние во тој поглед сме многу повеќе ранливи, имајќи ги предвид геостратегиската положба на РМ и историските хипотеки на Балканот. Тие служби се далеку поприсиутни кај нас, покрај „големите“ и оние на „малите“ од соседството кои се многу силни и не се откажале од историските апетити за завладување на Македонија. Голема грешка е направена  веднаш по осамостојувањето што не се расчисти со најголемиот дел од таквите структури. Тие и понатаму, по осамосојувањето, останаа непречено да дејствуваат инволвирани во Службата за државна безбедност, војската, полицијата, во судството,  но и во многу други клучни позиции на одделни политички субјекти. „Бомбите“ се резултат на постоењето и дејствувањето на тие структури кои, како туѓи платеници, не и мислат добро на РМ. 

ПРЕС24:  Лустрацијата е процес кој исто така не успева да стаса до крајната цел. Како го кометирате отпорот кон лустрацијата?

АЧКОСКА: Кога ќе ги читате досијеата формирани во периодот од 1992 до 1998 годин, ќе видите дека голем дел од  истите службеници кои и претходно, до 1991 година, правеле досијеа за маке­донски или албански екстремизам“, или за припадници на „граѓанска десница“ или за „Ванчомихајловистички и ВМРО елементи“, се наоѓаат на исти или уште повисоки функции.  Огромен е бројот на ангажирани информатори, а честопати самите жртви биле уценувани и користени како извори на информации. Има многу личности кои уживале огромни бенефиции за нивното „дежурно уво“ итн., кое секако дека создава фронт против лустрацијата, како чистилиште и поука за идните генерации. Исто така огромен број од досијеата се уништени или селктирани во годините на распадот на СФРЈ, така што постојат многу субјективни и објективни препреки за спроведување на лустрацијата.

 

 

Оцени ја веста

23.05.2015 - 12:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа