Климовски: Чуварите на демократијата - пример за тоа како се чува и сака Македонија

Професорот Сашо Климовски изрази поддршка кон чуварите на демократијата, кои веќе петти ден кампуваат пред Собранието на Република Македонија.

-На овие млади луѓе треба да им се честита што се постојано тука, се работи за чувари на оние принципи коишто се вградени во Уставот. Она што е идејата е да се бориме за суверена, независна, самостојна држава, кадешто ќе владее волјата на мнозинството граѓани како што владее сега, а да се спречи тиранијата на малцинството врз мнозинството како што некој сака тоа да го направи, односно коешто некој го прави веќе во обид со оние протести што се пред Влада. Исто така треба да им се честита на овие млади луѓе што веќе ја имаат изградено таа свесност за тоа што значи демократија, како се чува демократијата, како мирно се протестира. Тие заедно со уште 90.000 граѓани беа дел од оној голем народен собир кадешто ја искажаа својата непоколеблива волја да знастанат зад политиките, што значат вработувања, што значат инвестиции. Честитки за овие млади луѓе што го чувствуваат моментот, чувствуваат дека Република Македонија токму во услови на развоен инвестиционен циклус, е нападната. Нападната е од надворешни во спрега со внатрешни сили. Најверојатно големата слика за тоа ќе ја дознаеме многу брзо, кои биле мотивите и зошто е тоа така, рече Климовски.

Овие луѓе-чувари на демократијата, нагласи тој, треба да бидат пример за тоа како се чува Република Македонија, како се гради свесност за слобода, демократија, правда и правичност.

Поддршка за чуварите на демократијата и изборната волја, даде и поранешниот претседател на Здружението на стечајни работници со над 25 години стаж, Стојан Стојанов, кој и самиот бил дел од вакво кампување во минатото.

-Останувам на страната на чуварите на демократијата и им препорачувам да истраат до крај бидејчи ова е единствена наша земја, ние друга држава немаме и бидејќи во сегашниот ек во изградба на фабрики и барања на странски инвеститори да отворат и нови фабрики за нашиот млад кадар што го имаме и нашите луѓе кои не се вработени. Гледаме дека од друга страна се прават што поголеми опструкции за уништување на се ова што се прави макотрпно од страна на сегашната власт. Нема да дозволиме на еден ист начин овој народ по вторпат да биде изманипулран, да биде излажан и по втропат да се уништуваат фабрики. Да останат до крај да ја чуваат Република Македонија и оваа агонија што ја наметнаа од другата страна да заврши на еден мирен и демократски начин, рече Стојанов, пренесе Курир.

Државата, потенцираше тој, има институции каде треба да се разговара на демократски начин.

-Ние имаме Влада која е избрана на еден демократски начин и нема да дозволиме во ниеден случај оваа влада и луѓето кои се избрани по демократски пат да бидат срушени на еден недемократски начин. Тие што сакаат да ги срушат нека планираат и нека мислат за следните избори да дадат подобри понуди на граѓаните, па тогаш како граѓаните ќе одлучат така ќе биде. Сега оваа власт ја има целата поддршка, тие со разлика 200.000 гласови дојдоа на власт и после една година да се бара оставка од тие луѓе, е недозволиво и недемократски, посочи Стојанов.

Камперите кои деноноќно ја чуваат Македонија велат дека ќе останат колку што е потребно, се додека не се отфрли во целост, како што рекоа,  ова загрозување на државните и национални интереси кое го прави опозицијата.

-Додека е потребно ќе останеме тука-за доброто на Македонија и македонскиот народ. Сакаме да им се заблагодариме на сите граѓани кои не поддржуваат. Бројот на кампери секојдневно се зголемува и граѓаните кои не се запознаени со ова откако ќе им објасниме дека сме чувари на демократијата и на Македонија и самоиницијативно сакаат да се приклучат, истакна Александар Златков – чувар на демократијата.

Во текот на денешниот ден, како дел од програмата на камперите, свое предавање пред чуварите на демократијата ќе имаат Тони Михајловски, Јохан Трчуловски и Филип Петровски.

 

 

 

Оцени ја веста

22.05.2015 - 14:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега