Топали ја осуди изјавата на албанскиот премиер Рама за Македонија

Поранешната претседателка на албанскиот Парламент, висок функционер на опозициската Демократска партија и актуелен пратеник, Џозефина Топали, остро ја осуди изјавата на премиерот Еди Рама дека неговата земја ќе стави вето за влез на Република Македонија во НАТО.

Топали, која во осумгодишното владеење на демократите беше на чело на албанскиот Парламент осудата ја искажа на денешната седница на законодавниот дом.

– Изјавата на Рама е неприфатлива и тоа директно ќе влијае на прашањето за членство на Албанија во структурите на Европската унија. Албанија се уште не е таква сила за да може некого да условува и да го користи правото на вето за членство на друга држава, рече Топали.

Премиерот Рама, на Регионалната министерска средба за борба против тероризмот, на која учествуваат министри за внатрешни работи од балканскиот регион, неколку европски земји,  како и претставици на САД, кога зборувал за аспирациите на Македонија да стане членка на НАТО рекол дека Албанија ќе стави вето доколку целосно не биде имплементиран Охридскиот договор.

Рама се огласи преку својот Фејсбук профил по барањето на Германија за меѓународна истрага за случајот Куманово. Тој напиша дека „воспоставувањето на правдата за случајот во Куманово, каде што имало десетици жртви и повредени, е камен-темелник за соживот меѓу луѓето од различни етнички групи“.

Ваквите изјави на Рама за повеќето албански аналитичари се дел од прдизборната кампања за подигање на неговиот рејтинг кај гласачкото тело пред локалните избори закажани за 21 јуни. Дел од медиумите, пак, сметаат дека ова е негова „офанзива“ по неуспехот на средбата со лидерите на политичките партии на Албанците во Македонија. 

 

 

Оцени ја веста

21.05.2015 - 21:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега