Груевски: Европа ни праќа абер дека ќе ја извади ДУИ од Владата доколку не го решиме името

Европа ни испраќа абера дека ќе ја извади ДУИ од Владата околку не попуштиме околу спорот за името. Премиерот Груевски во интервју за Дневник вели дека притисокот е врз Македонија бидејќи во земјата нема единство околу спорот кој Грција го има со нашето име.

„Да, ни праќаат абери дека ДУИ може во секој момент да ја извадат од Владата ако така решат и со тоа Владата да падне“ вели Груевски за Дневник и додава дека е подготвен за секое сценарио. Не ја исклучува можноста да ни биде одземена и препораката за стартна преговорите.

„Ништо не можам да исклучам. Се што доделуваат може и да го одземат. Само душата не можат да ни ја земат“ - вели Премиерот.

„Не разбирам како СДСМ може да постави вакво прашање кога не цела Македонија, туку цел свет знае зошто Македонија не влезе во НАТО и не доби датум за почеток на преговорите со ЕУ. Единствена причина е што не прифативме промена на идентитетот на Македонците и на името на државата, а и таа промена да е по мера, да не речам по избор на Грција, истовремено одбегнуваат преговори и очекуваат с` да биде како што тие бараат. Еве, ако ме повикуваат да одговорам - ова е одговорот, иако тие добро го знаат. Блокадата во Букурешт во 2008 година заедно ја преживеавме кога со нивниот татко по ДНK, Бранко Црвенковски, бевме таму и двајцата дадовме речиси идентични изјави. Тоа што СДСМ потоа се престрои и се извлече од одговорноста е друго прашање. Но во целиот период потоа ние ги исполнувавме сите потребни критериуми, реформи и очекуван напредок, освен еден: оној што го бара Грција. Притоа секоја година добивавме позитивен извештај од ЕУ и препорака на ЕK до ЕС за доделување датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Истото е и со НАТО и таму за членство недостига само согласност од Грција. Навистина не сакам да звучи ова како некакво алиби, никогаш не сум бегал од преземање одговорност, но тоа е факт и не можам да измислам некој друг одговор, освен да ја кажам вистината. Знам дека новиот претседател на СДСМ, Зоран Заев, има поинаков став за ова прашање, знам дека уште пред неколку години тој јавно се произнесе со изјавата дека треба да го свиткаме грбот и немам против кој како сака да размислува, но таа негова изјава воопшто не ни помага во борбата да се дојде до решение, кое, освен за Грција, би било прифатливо и за мнозинството Македонци и граѓани на Република Македонија. Понекогаш се ставам во кожата на нашиот јужен сосед и помислувам што им останува да прават во ваков случај кога имаат лидер на опозиција од другата страна, кој јавно кажува дека тој кога би станал премиер, би го свиткал грбот. Тоа сигурно ги одвраќа од брзо решение и ги наведува да чекаат на некои наредни избори да победи тој и да го свитка грбот. Зошто би брзале? И да ви кажам, од она што го гледам и слушам, многу не им се брза“ - вели Груевски во интервјуто за Дневник

најчитано сега