Состанок на Работната група за проверка на Избирачкиот список

 

Работната група за проверка на Избирачкиот список денеска во Државната изборна комисија ја договори динамиката на ажурирањето и стручната помош од ОБСЕ за ревизија на списокот. Од МВР се очекуваат податоци за околу 10.000 гласачи на кои до Локалните избори им истекол рокот на важење на биометриските исправи.

Од денот на распишувањето на Локалните избори во јануари до 21 април МВР, како што информира претставникот Надица Велевска, на 53.029 граѓани им издало биометриски лични исправи. Од нив 3.600 се за лица кои станале полнолетни до денот на изборите. Во анализата стои податокот дека во моментот на распишување на изборите 118.711 лица биле со стари лични исправи, а на 10.600 им истекувала важноста на биометриските документи.

Претседателот на работната група Бедредин Ибраими смета дека било добро што на лицата со стари исправи не им било дозволено гласање, а немало ни реакции, но побара дополнително објаснување за оние десет илјади.

Според претставникот на ЕУ во Скопје Скозуба многу е важно да се продолжи со активностите за ажурирање на списокот и методологијата за негова надворешна проверка.

- Бидејќи ревизијата на избирачкиот список е спомената во високо пристапниот дијалог, ние ја поддржуваме соработката меѓу вашата институција и ОБСЕ и многу е битно да постои политички дијалог во спроведувањето, наведе Скозуба.

Од ОБСЕ ја потврдија добрата соработка со македонските изборни органи. Активностите одат во правец на разговори и средби со органите и партиите, како и ангажирање експерт со меѓународно искуство кој ќе изработи предлог методологија за ажурирање на списокот двапати годишно.

Работната група за проверка на избирачкиот список договореното ќе го потврди со соодветен протокол за соработка, а доаѓањето на експертот е најавено за наесен.

најчитано сега