Нови експонати во Музејот на македонската борба

Музејот на македонската борба ја збогати својата збирка со нови експонати од историското минато на Македонија, кои се изложени за јавноста. 

Од директорот на „Зегин“, Благоја Механџиски, музејот добил донација на оригинални предмети – два воени печата на единиците на 11. Македонска дивизија од Првата светска војна и две бомби  „македонка“ и „одринка“ кои се користеле од македонските востанички чети за време и по илинденскиот период.

- Колекцијата е збогатена и со новооткупени предмети од кои посебно значајни се Парламентарната значка Хуријет од 1908 година од периодот на Младотурската револуција, која ја добиле неколку истакнати македонски револуционери, и џебните часовници „Зенит“ изработени по порачка на Османлиската држава, на кои освен грбот на Османлиската држава се гледа и натписот „Македонија“. Според некои сознанија,  часовниците биле делени на истакнати членови на османлискиот парламент од страна на последниот султан Мехмед Паша Петти при неговата посета на Македонија во 1911 година, соопшти Музејот на македонската борба.

Музејот ја продолжува и соработката со уметникот и хуманист Живко Поповски-Цветин, кој твори во неговите простории на тема „Цвеќето на мирот“ и своите слики-минијатури им ги подарува за добредојде на туристите од Холандија кои за време на посетата на Македонија се редовни гости на Музејот на македонската борба.

ФОТО: Кајгана