По трикратното убиство во Кавадарци - четворица социјални работници ќе одговараат за несовесно работење

Обвинителството во Кавадарци ги товари социјалните работници дека не презеле мерки за да ја заштитат сопругата и нејзиното семејство од нејзиниот сопруг - трикратниот убиец Тони Станоев, објави Канал 5.

 

Обвинителството соопшти дека обвинетите службеници примиле пријава за семејно насилство извршено врз неа и нејзините малолетни деца како и Барање со предлог за изрекување привремена мерка за заштита. Но, ниту еден од обвинетите не изготвил индивидуален план за работа, не извршиле посета во семејството, не изготвиле мислење за процена на ризикот.

 

 

Обвинетите како членови на стручен тим на одржана седница донеле заклучок да не се постапува по пријавата на оштетената поради што и не поднеле барање до судот за изрекување на бараните привремени мерки.
Со ваквото непостапување од страна на обвинетите, на оштетената и е нанесена штета, со тоа што пријавениот на 09.11.2014 година ја остварил заканата со извршување на убиство на членови од семејството на оштетената.

Станоев повеќепати бил пријавуван дека упатувал закани кон своите блиски и блиските на сопругата, како и дека е извршител на семејно насилство, но социјалните работници не презеле ништо за да ја заштитат. Убиецот на крај ги оствари заканите и ги застрела таткото, мајката и сестрата на неговата сопруга.

Надлежниот обвинител од  Кавадарци по завршувањето на истражната постапка до Основниот суд поднел Казнен налог против четирите службеници за Несовесно работење во службата и предложил судот да ги огласи обвинетите за виновни и да им изрече казна затвор од три месеци која нема да се изврши доколку во рок од една година обвинетите не сторат ново кривично дело.

За овој случај во февруари судот во Кавадарци им изрече условна пресуда и парична казна од по 200 евра на двајцата полицајци кои исто така одговараа за несовесно работење во службата и не му го одзеле оружјето на Станоев со кое го стори трикратното убиство.
Судењето за обвинетиот Тони Станоев ќе почне наскоро.

 

 

Оцени ја веста

19.05.2015 - 15:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега