Три македонски филма добија поддршка од парискиот фонд

Соработка во филмската дејност и  можностите за финансиска поддршка на македонската кинематографија од Фондот за помош на светскиот филм од Париз била тема на средбата меѓу претставниците од фондот и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Три македонски филма („Мајки“ на Милчо Манчевски „Како убив светец“ и „Јас сум од Титов Велес“ на Теона Митевска) ја добиле поддршката од парискиот фонд (Fonds sud cinema), кој пред две години беше трансформиран и преименуван во  Aide aux cinemas du monde. Фондот има годишен буџет за поддршка на проекти од целиот свет во висина од 6 милиони евра и на четири до пет конкурси се поддржуваат меѓу 40 и 60 филмови со средства до 250.000 евра по филм за продукција и до 50.000 евра за постпродукција.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска по средбата изјави дека новиот закон за филмска дејност, кој треба да се применува од 1 јануари 2014, е многу сличен на законот во Франција и ќе му овозможи на Филмскиот фонд  на РМ покрај средства од државата, кој годинава се 3,5 милиони евра, да добива пари и од други извори.

- Изразив благодарност за филмовите што досега добија поддршка од фондот - филмовите на Митевска и „Мајки“ на Манчевски, како и „Тајната книга“ на Плевнеш, кој е поддржан од други извори од Франција. Се надевам дека преку оваа средба ќе ја продлабочиме соработката, рече Канческа-Милевска.

Натали Стриф, одговорна за Фондот за помош на светскиот филм од Францускиот институт во Париз, истакна дека целта на институцијата е да ги поддржи посебно младите синеасти и, како што рече, да продолжи да ја брани културната разновидсност.

- Денеска ќе се сретнам со филмските работници и сигурна сум дека таа средба ќе ги засили односите меѓу Франција и Македонија. Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме копродукциите меѓу двете земји, рече Стриф.

Министерката ги информирала гостите и за идејата за изградба на три филмски студија - две во Скопје и едно во Битола, преку јавно-приватно партнерство.

ФОТО: Нетпрес