Mатичната собраниска Комисија ги прифати измените на Законот за царинска тарифа
Предложените измени и дополнувања на Законот за Царинската тарифа денеска по скратена постапка добија поддршка од матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет.
- Целта на Предлог законот е да се подобри извозната конкурентност на домашната индустрија со што се овозможува трајно и целосно безцарински увоз за злато и платина без разлика на земјата на потекло, рече во образложението Ардиан Џеладини, заменик-министер за финансии.'
Според направените анализи на Министерството за финансии фискалните импликации од аспект на намалување на приходите по основ на царина, пресметани согласно остварениот увоз во 2011 и 2012 година за стоките за кои се предлага укинување на царинската стапка, би изнесувале 20 милиони евра, но од 2010 година не биле евидентирани царински приходи при увоз на тие благородни метали поради одлуките за времено намалување на царинските давачки што ги донела Владата.
- Имајќи ја во предвид европската регулатива за либерализација на тргувањето со инвестициското злато како и важноста на извозот на катализатори за Република Македонија кои претставуваат прва ставка во структурата на извозот во последните две години, а со цел и понатаму да се задржи извозната конкурентност на домашната индустрија за производство на катализатори, се предлага Собранието да го разгледа и прифати Предлог законот за изменување на Законот за Царинската тарифа во предложениот текст, рече заменик-министерот за финансии.
Според Марјанчо Николов од СДСМ и претседател на Комисијата, добро е што со Предлог законот првпат се добива податокот дека целосното ослободување од плаќање царина за увоз на платина и злато Буџетот годишно ќе го чини 20 милиони евра.
- Странските инвститори прават екстра профит во Македонија, а од друга страна освен платите на вработените немаме податок дали има диверзификација на соработката со македонски компании. Во конкретниот случај дали Џонсон Мети покрај увозот соработува и со други македонски компании. Кој е повратот од таа компанија за државата и за граѓаните, праша Николов.