Парламентарното собрание на Советот на Европа ќе расправа за Македонија
Денеска парламентарното Собрание на Советот на Европа ќе расправа за Извештајот за постмониторинг дијалогот со Македонија, јавува МИА.
Извештајот е изготвен од британскиот парламентарец Роберт Волтер, и беше усвоен од страна на Мониторинг комисијата на ПССЕ пред околу еден месец. ПССЕ со овој Извештај воведе и нова практика, односно претставување на истиот на властите на една земја пред неговото разгледување од страна на парламентарците од 47 земји-членки на Советот на Европа. Тоа беше и целта на посетата на претседателот на ПССЕ, Жан-Клод на почетокот на месецот на Република Македонија, каде се сретна со највисоките претставници на македонските власти. Во извештајот се опфатени сите сегменти од евроинтеграциите на Република Македонија: борбата против корупцијата, пост-изборните настани, функционирањето на Парламентот, Охридскиот рамковен договор, реформата на судството, администрацијата, човековите права, малцинските, јазичните и културните права, борбата против трговијата со луѓе, прашањето за лажните азиланти, резултатите и проценка на изборните резултати од 5 јули 2011, како и локалните избори годинава.
ПССЕ дава јасен став дека иднината на Македонија е во НАТО и ЕУ и презентира досега најјасен став околу ова прашање како и блокадата на интеграциите од страна на Грција. Имено во резолуцијата во точката два се вели: -„ПССЕ жали што прашањето за името продолжува да го одложува отварањето на преговори за членство во ЕУ, иако за тоа има препораки секоја година од 2009 досега од страна на Европската комисија, како и обидот на Македонија за членство во НАТО, притоа без да се почитува од страна на Грција одлуката на Меѓународниот суд на правдата (ICJ) од 5 декември 2011 г. ПССЕ се надева дека Грција ќе примени и прифати пофлексибилен приод кон решавање на ова прашање. ПССЕ ја поканува Македонија да го продолжи дијалогот под покровителство на Обединетите нации за решавање на прашањето на името, како и да развива конструктивни односи со соседите, со тоа придонесувајќи за целокупната стабилност на регионот“.
Во предложениот документ од страна на Роберт Волтер не е предложено затворање на пост-мониторинг дијалогот, но тој најавува дека тоа ќе треба да биде направено наскоро.
Мониторинг комисијата е една од најважните комисии на ПССЕ. Од 47 земји членки на Советот на Европа под мониторинг се наоѓаат Албанија, Ерменија, Босна и Херцеговина, Руската федерација, Грузија, Црна Гора, Молдавија, Србија и Украина. Четири други земји се во процедура на пост-мониторинг дијалог, Бугарија, Македонија, Монако и Турција.